Уште една успешна спасувачка акција на ТППЕ Струмица – спасени мајка и дете од провалија кај манастирот „Св. Илија“

1 мин. читање

Во раните утрински часови, околу 05:15 часот, припадници на Територијалната противпожарна единица Струмица успешно реализираа уште една сложена спасувачка интервенција, откако мајка и дете паднале во провалија покрај трим-патеката што води кон манастирот „Св. Илија“.

По пристигнувањето на местото на настанот, пожарникарите-спасители со примена на специјализирана спасувачка опрема и со голема внимателност пристапиле кон извлекување на повредените од непристапниот терен. По успешно завршената акција, двете лица биле безбедно предадени на екипа на Итната медицинска помош за понатамошен преглед и згрижување.

Благодарение на брзата реакција, професионалноста и добрата координација на спасувачките служби, интервенцијата заврши успешно.Од ТППЕ Струмица упатуваат апел до сите граѓани кои ги користат трим-патеките и планинските патеки да бидат особено внимателни при движење по стрмни и непристапни делови од теренот, особено во раните утрински и вечерните часови.

Ова е уште една потврда за подготвеноста, стручноста и посветеноста на пожарникарите-спасители од ТППЕ Струмица, кои секојдневно се грижат за безбедноста и спасувањето на човечки животи.

Извор:

Facebook страна на ТППЕ – Струмица