Уставен суд: Нема повеќе дивоградби на туѓо земјиште

1 мин. читање

Уставниот суд на Република Северна Македонија ја укина одредбата од Законот за постапување со бесправно изградени објекти со која се овозможуваше легализација на дивоградби поставени на туѓо земјиште без согласност од сопственикот. Со оваа одлука се поништува спорниот член 6 став 6, за кој Судот оцени дека претставува несразмерно и неуставно ограничување на правото на сопственост во корист на лица кои бесправно граделе, и тоа без постоење на јавен интерес или предвиден соодветен надомест за оштетените сопственици.

Според образложението на Уставниот суд, укинатата одредба ги ставала во повластена положба прекршителите на законот и создавала нееднаквост меѓу граѓаните, што е директно спротивно на темелната вредност за владеење на правото. Судот нагласува дека можноста за ретроактивно утврдување правен статус на објекти без согласност од актуелните сопственици — особено кај земјиштата што претходно биле во државна сопственост — внесувала правна несигурност во имотноправниот промет и го нарушувала уставниот принцип на предвидливост и заштита на легитимно стекнатите права.

Извор:
Facebook страна на Уставен суд на Р.С. Македонија