ТЕАТАРОТ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАШИ ОД НЕПРИЈАТНИТЕ ВИСТИНИ

Разговор со режисерката Александра Кардалевска по повод премиерата на претставата „Четири слики на љубовта“ во струмичкиот театар (разговорот го води Ацо Гогов)

12 мин. читање

Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица се подготвува претставата „Четири слики на љубовта“ од современиот швајцарски драматург Лукас Берфус, во режија на Александра Кардалевска. 

Претставата е своевидна вивисекција на машко-женските односи, во која изневерата станува повод за разоткривање на човечките стравови, опсесии и противречности. Низ четири различни приказни, љубовта се појавува токму преку своето отсуство.

Во претставата играат Коста Ангов, Кољо Черкезов, Оливера Аризанова-Мансбарт, Јулија Милкова и Михаил Велков. Автор на визуелниот концепт и дизајн е Онур Озџан. Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и Швајцарската амбасада.

Со режисерката разговаравме за љубовта во ерата на инстантните задоволства, за изневерата како огледало на човековата природа и за театарот како простор во кој невидливите психолошки состојби добиваат своја физичка форма. 

1. „Четири слики на љубовта“ ја определувате како хроника за смртта на љубовта и вивисекција на машко-женските односи. Што ве привлече кон ваквото читање на Берфус? 

Она што ме привлече кај Берфус е парадоксот дека пишува за љубовта преку ликови кои, во суштина, се испразнети од љубов. Тие копнеат по блискост, но не знаат што да прават со неа. Сакаат да бидат сакани, но честопати не се способни вистински да го видат другиот.

Четирите слики ги доживувам како четири различни реакции на изневерата, четири обиди човекот да се справи со повреденото его, разочарувањето и стравот од напуштање. Берфус не ја романтизира љубовта. Тој речиси хируршки ги отвора човечките односи, разоткривајќи ги нивните најнепријатни механизми.

Оттука и идејата за вивисекција. За мене, оваа претстава е хроника за умирањето на љубовта во време што ја слави минливоста, а сè потешко ја поднесува трајноста. Но, не станува збор за носталгија по некаква идеализирана љубов од минатото, туку за преиспитување на она што денес го подразбираме под љубов. 

2. Живееме во време на инстантни задоволства, брзи врски и речиси неограничени можности за избор. Дали современиот човек ја губи способноста за вистинска интимност?

Никогаш не сме имале толку многу можности за комуникација, а толку малку трпение за вистински однос. Живееме во култура на моментално задоволување на потребите, во која речиси сè е достапно, заменливо и потрошно. Проблемот настанува кога истата логика почнуваме да ја применуваме и врз човечките односи.

Не мислам дека современиот човек престанал да има потреба од љубов. Можеби токму спротивното, таа потреба станува сè поизразена. Но, истовремено, сè потешко ги прифаќаме одговорноста и ранливоста што ги подразбира вистинската блискост. 

3. Во драмскиот свет на Берфус, љубовта се преплетува со манипулација, зависност, поседување, па дури и насилство. Каде завршува љубовта, а започнува потребата да го контролираме другиот?

Можеби токму таму каде што престануваме да го гледаме другиот како слободно човечко суштество и почнуваме да го доживуваме како нешто што ни припаѓа. Во интимните односи многу често ја мешаме љубовта со потребата за сигурност, со стравот од губење, со желбата да бидеме единствени и незаменливи. Изневерата во тој контекст станува особено интересна, бидејќи не го повредува само чувството на љубов, туку и нашата претстава за себе.

Кај Берфус секој лик на свој начин се обидува да ја преживее таа повреда. Некои посегнуваат по контрола, други по одмазда, трети се соочуваат со сопствената немоќ. Она што ме интересира е колку далеку може да оди човекот во обидот да го задржи она што мисли дека го сака. И дали понекогаш, во име на љубовта, го уништуваме токму она што се обидуваме да го зачуваме. 

4. Во последната слика, парот одлучува да продолжи да живее во лагата. Дали тоа е можеби најпоразителниот облик на отуѓување? 

За мене, тоа е еден од највознемирувачките моменти во целата драмска структура. Не затоа што се случува нешто спектакуларно, туку токму затоа што одлуката е толку човечка и препознатлива.

Понекогаш вистината не е она што луѓето го бараат. Поважно им е да го зачуваат познатиот облик на својот живот, дури и кога неговата суштина одамна исчезнала. Постои некаква чудна сигурност во навиката, дури и кога таа нè прави несреќни.

Мислам дека тука Берфус отвора едно особено болно прашање: дали останувањето заедно секогаш значи дека љубовта преживеала? Или понекогаш двајца луѓе продолжуваат да го одржуваат својот однос само затоа што се плашат од празнината што би останала по неговото распаѓање? 

5. Берфус не им дозволува на своите ликови да бидат едноставно добри или лоши. Како режисер, дали се обидувате да ги разберете, да ги оправдате или намерно ја оставате публиката без лесна морална пресуда?

Во театарот многу повеќе ме интересира разбирањето отколку пресудувањето. Не мислам дека задачата на режисерот е да одлучи кој е виновен, а кој невин, ниту да ѝ понуди на публиката готов морален заклучок.

Човечките односи ретко функционираат според јасна поделба на жртви и виновници. Луѓето можат истовремено да сакаат и да повредуваат, да бидат искрени во своите чувства и нечесни во своите постапки.

Би сакала гледачот во одреден момент да препознае нешто од себе во лик што можеби претходно го осудувал. Не затоа што треба да го оправда, туку затоа што тоа препознавање нè принудува да ги преиспитаме сопствените убедувања. За мене, театарот станува навистина возбудлив кога престанува да ни кажува што да мислиме и почнува да нè соочува со прашања од кои во секојдневниот живот успешно бегаме.


6. Вашата постановка се потпира на психолошки експресионизам и силен визуелен јазик. Како го изградивте сценскиот свет на претставата и каква улога има визуелниот концепт на Онур Озџан?

Режисерскиот пристап го темелев на психолошкиот експресионизам. Не ме интересираше реалистичната репродукција на човечките односи, туку нивниот внатрешен, често деформиран свет. Ликовите ги третирав како сликарски платна врз кои се испишуваат нивните психолошки состојби, потиснати желби и внатрешни противречности. Сцената станува простор во кој невидливото добива своја физичка форма.

Во соработката со Онур Озџан, автор на визуелниот концепт и дизајн, се обидовме токму тој внатрешен свет да го преточиме во сценографски простор. Тој создаде исклучително впечатлива сценографија, во која исушеното дрво и градината опколена со бетон стануваат метафора за љубовта заробена во сопствената неможност да опстане.

Градината, која по својата природа треба да биде простор на живот, растење и обновување, овде е задушена, речиси фосилизирана. Како и самата идеја за љубовта, која постепено се вкочанува под тежината на стравовите, конвенциите и човечката неспособност за вистинско поврзување.

Сценографијата не е само амбиент во кој се одвива дејството, туку визуелна проекција на внатрешниот свет на ликовите. Таа станува своевиден петти лик во претставата.

7. Како актерите одговорија на овој режисерски пристап?

Психолошкиот експресионизам бара поинаков вид актерска дисциплина. Актерот не треба само да ја оправда психолошката мотивација на ликот, туку да ја направи видлива неговата внатрешна состојба преку телото, ритамот, гестот, погледот, па дури и преку начинот на кој ја населува тишината.

Коста Ангов, Кољо Черкезов, Оливера Арозанова-Мансбарт и Јулија Милкова одлично одговорија на овие задачи. Со голема посветеност и актерска храброст влегоа во процесот на истражување, прифаќајќи изразни средства што излегуваат надвор од рамките на конвенционалната психолошка игра. За мене беше важно нивните ликови да не бидат само носители на драмскиот текст, туку живи, експресивни структури во кои емоцијата се преобразува во сценско дејство.

Михаил Велков, пак, имаше сосема поинаква и особено сложена задача. Тој толкува четири различни ликови, појавувајќи се во секоја од четирите слики на љубовта. Неговите појавувања носат различни значења и симболички функции, создавајќи дополнителен слој во драматургијата на претставата. Неговото присуство воспоставува специфична врска меѓу четирите светови, без притоа да ги изедначува нивните значења.

Целиот ансамбл покажа исклучителна подготвеност за истражување и доверба во режисерскиот процес. Токму таа доверба е неопходна кога се создава театар што не се потпира исклучиво на зборот, туку и на силата на сценската слика.

8. Колку е важно современиот театар да ја вознемири публиката, наместо да ѝ понуди утеха? И што ви значи можноста ваков текст да се постави во Струмица?

Не мислам дека театарот мора по секоја цена да провоцира. Провокацијата сама по себе не е уметничка вредност. Но, верувам дека театарот не треба да се плаши од непријатните вистини.

Живееме во време кога постојано сме изложени на содржини што го бараат нашето внимание, но ретко нè повикуваат вистински да се задржиме на нешто. Театарот има една исклучителна предност: бара физичко присуство, заедничко време и соочување од кое не можеме едноставно да излеземе со едно движење на прстот по екранот.

За мене е особено важно современите европски драмски текстови да бидат присутни и на сцените надвор од Скопје. Театарската публика не треба да се потценува ниту географски, ниту интелектуално. Прашањата што ги отвора Берфус немаат национални или локални граници.

Особено сум благодарна на управителот на театарот, Ванчо Василев, за довербата и поддршката, како и на целиот технички тим на НУЦК „Антон Панов“, чија посветеност и професионалност беа исклучително важни за реализацијата на овој сценски концепт.

9. И за крај, дали навистина сведочиме за смртта на љубовта или можеби само за крајот на нашите илузии за неа?

Можеби љубовта не умира. Можеби умираат нашите претстави за неа. Но, она што ме вознемирува е можноста човекот да се навикне на живот без љубов, а притоа да продолжи да ја одржува нејзината надворешна форма.

Да остане во врска без блискост, во брак без искреност, во заедништво без вистинска средба со другиот. Да ја избере удобноста на познатата лага наместо неизвесноста на вистината.

И можеби вистинската трагедија не е смртта на љубовта, туку нашата подготвеност да живееме со нејзиното отсуство.