Фирмата “СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ” во сопственост на Петар Божинов кој е познат по тоа што е близок до СДСМ Струмица и поранешен советник во Советот на општина Струмица од редовите на СДСМ, го добила тендерот за “изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио-видео поддршка за настани” во следните две години.
Според Бирото за јавни набавки, договорот вреден 59 милиони денари со ДДВ или околу 960.000 евра бил склучен на 4 септември со генералниот секретаријат на Владата.
На отворениот повик од Бирото на кој што се пријавиле вкупно четири фирми, понудата на “СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ” била избрана како најдобра.
Од Владата соопштија дека оваа понуда била далеку поповолна и потранспарентна од договорите кои што ги склучувала претходната власт на СДСМ и ДУИ.
Тие ги отфрлаат обвинувањата од Левица и СДСМ кои според нив биле “инсинуации и конструктивни лаги” и дека тоа било одраз на нивната “политичка немоќ и безидејност” се додава во соопштението на Владата.
Во соопштение до јавноста политичката партија Левица изнесе жестоки обвиненија на сметка на како што велат тие, “Коалицијата ВМРО-СДСМ” и дека овој тендер е уште еден доказ и потврда дека соработка и координација меѓу Заев и Мицкоски постои и дека тие работат само за личен интерес и продолжуваат да го “цедат” буџетот на една од најсиромашните земји во Европа, а нивен заеднички интерес е никој да не одговара за криминалното владеење на двете најголеми партии.