Жирито на изборот за Светски автомобил на годината ги објави победниците за 2026 година, а главната награда ја понесе целосно електричниот BMW iX3, кој се закити со престижната титула „Светски автомобил на годината“.

Во конкуренција составена од 98 автомобилски новинари од 33 земји, кои гласаат тајно, iX3 се издвои благодарение на напредните технологии, одличната автономија и впечатливото возачко искуство. Со ова, BMW уште еднаш ја потврди својата силна позиција во сегментот на електрични возила.
Успехот на iX3 не застана тука – моделот ја освои и наградата за „Светски електричен автомобил на годината“, што дополнително ја нагласува неговата доминација. Воедно, признание доби и извршниот директор на BMW, Oliver Zipse, кој беше прогласен за „Човек од автомобилската индустрија на годината“.
Покрај главната категорија, беа доделени и награди во неколку други сегменти. Lucid Gravity ја освои титулата „Светски луксузен автомобил на годината“, додека Hyundai Ioniq 6 N беше прогласен за „Автомобил со високи перформанси на годината“.
Во категоријата дизајн, признанието замина кај Mazda 6e, додека наградата за „Урбан автомобил на годината“ ја доби компактниот Firefly.
Паралелно со глобалниот избор, и во Македонија беа избрани најпосакуваните автомобили за 2026 година. По завршувањето на гласањето кое се одвиваше до 31 март 2026 година, во рамки на манифестацијата Златно Тркало, официјално се познати победниците по категории.
Изборот се реализираше преку гласање на публиката, која имаше клучна улога во креирањето на конечниот исход. Гласачкиот циклус за Златно Тркало 2026 беше затворен на 31 март во 23:59 часот, по што беше финализирана листата на победници во четирите категории.
И оваа година, македонската публика покажа сериозен интерес и вклученост, со бројка од приближно 20.000 гласови, што дополнително ја потврдува релевантноста на изборот.
Ваквиот одзив е резултат и на засилената промоција и видливост на финалистите, овозможена преку координиран ангажман на организаторите и партнерите. Сите модели беа подеднакво претставени пред јавноста, со што се обезбеди фер, транспарентен и кредибилен процес во кој одлуката беше целосно во рацете на гласачите.
Победници по категории:
– Главна награда – Најпосакуван автомобил во Македонија со 43,2% од гласовите: Audi Q5
– Најпосакуван семеен автомобил во Македонија со 25,3% од гласовите: Opel Frontera
– Најпосакуван градски автомобил во Македонија со 26,5% од гласовите: Renault Clio
– Најпосакуван електрифициран автомобил во Македонија со 21,6% од гласовите: Lynk & Co 08

Овие резултати покажуваат јасен пресек помеѓу глобалните и локалните трендови – додека светот силно се движи кон целосна електрификација, македонските возачи сè повеќе прифаќаат електрифицирани решенија, но истовремено остануваат верни и на практичните, семејни и градски автомобили.