Промоција на монографија и изложба на археологот д-р Душко Цветанов

2 мин. читање

На 9 октомври, четврток во просториите на градската галерија на Струмица во 19:00 часот ќе се одржи промоција на монографијата ,,Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (11-14 век): функција, значење и временски рамки“, на археологот д-р Душко Цветанов. Промоцијата ќе биде пропратена со изложба на банери на кои ќе бидат прикажани најзначајните средновековни споменици на културата во нашиот регион. Промотор на монографијата ќе биде проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.

Д-р Душко Цветанов е роден во Струмица на 21 јануари 1987 година. Основно и средно образование завршува во родното место. Дипломира археологија на Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј“ во Скопје – Филозофски факултет, каде и завршува втор и трет циклус на студии. Во 2018 година ја одбранува докторската дисертација: ,,Средновековни тврдини во југоисточниот регион на Република Македонија (11-14 век): функција, значење и временски рамки“, под менторство на проф. д-р Елица Манева.

Д-р Душко Цветанов од 2015 година е вработен во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Струмица, каде во изминативе години има реализирано голем број на проекти од областа на музејската дејност и заштитата, вклучувајќи ги археолошките истражувања на неколку средновековни локалитети во Струмичкиот регион.

Д-р Душко Цветанов е автор на повеќе од 30 стручни трудови објавени во домашни и странски списанија, како и учесник на повеќе од 20 научни конференции.