Зошто раната изложеност е ризична
Првите три години од животот претставуваат златен прозорец за развојот на мозокот. Во тој период, секое искуство – звукот, допирот, играта и блискиот контакт со родителите – создава милијарди нови нервни врски. Тие врски се темелот за понатамошниот развој на говорот, учењето, комуникацијата и социјалните односи. Кога детето уште од најрана возраст минува многу време пред екран, неговиот мозок наместо длабоки искуства добива брзи и површни информации. Наместо истражување, движење и живо искуство со семејството, детето станува пасивен набљудувач.
Што ни кажува науката
Современите истражувања јасно предупредуваат на сериозни последици од прекумерната изложеност на екрани во раното детство. Забележано е дека децата кои минуваат многу време пред телевизор, таблет или телефон имаат забавен развој на говорот. Медицински студии со магнетна резонанца покажуваат дека кај овие деца се појавуваат промени во белата материја на мозокот, која е од суштинско значење за учењето и за брзината на размислување. Чести се и проблемите со спиењето, нарушувањето на вниманието, потешкотиите во однесувањето, а подоцна и слаб академски успех.
Едукативните видеа – мит или вистина
Голем број родители веруваат дека едукативните видеа и цртаните филмови го поттикнуваат развојот на детето. Но науката недвосмислено потврдува дека децата до тригодишна возраст не можат ефикасно да учат од дво-димензионални слики. Вистинското учење се случува преку живи интеракции – преку контакт со очи, преку гестови, изрази на лицето, разговор и игра. Ниту едно видео, колку и да изгледа привлечно, не може да ја замени радоста и топлината на заедничкиот момент со мајката, таткото или блиските.
Како екраните влијаат на секојдневието
Дури и кога телевизорот работи во позадина, тоа го нарушува вниманието на детето. Наместо активно да го истражува просторот околу себе, неговото внимание се пренасочува кон брзите и динамични слики. Со текот на времето, се создава навика детето да бара постојана и брза стимулација, нешто што реалниот живот не го нуди. Последицата е нетрпеливост, досада и неможност за подолга концентрација.
Што можат да направат родителите
Решението не е во целосна забрана, туку во мудро водење на децата кон здрави искуства. Разговорите за секојдневните работи, за нивните соништа и доживувања создаваат блискост и поттикнуваат развој. Заедничкото пеење и играњето градат радост и љубопитност. Прошетките и истражувањето на природата му помагаат на детето да го открие светот на еден жив и вистински начин. Колку повеќе време родителот поминува со своето дете, толку повеќе му подарува љубов, безбедност и можност за здрав развој.
Логотерапевтска вежба за семејството: Моментите на смисла
Логотерапијата нè учи дека смислата не е нешто што се бара во надворешните стимули, туку нешто што го создаваме во живиот контакт и во автентичните моменти. Една едноставна вежба која може да се практикува секојдневно е водењето на семеен дневник на моменти. На крајот од денот, седнете заедно со вашето дете, исклучете ги сите уреди и поставете едно едноставно прашање: кој беше најубавиот момент од денешниот ден, што те направи среќен, за што си благодарен. Запишете го одговорот во една тетратка која ќе стане ваша семејна книга. Со текот на времето ќе создадете вистинска архива на позитивни и смислени искуства. Овој ритуал не само што го поттикнува детето да размислува и да изразува чувства, туку и го поврзува семејството во една заедничка потрага по значење, потрага по смисла.

Екраните можат да донесат забава, но не се вистински учители. Раното детство е неповторлив период во кој се создаваат темелите на мозокот, а тие најдобро се градат преку љубов, игра и живо човечко присуство. Наместо да се потпираме на технологијата како замена за воспитување, вреди да се сетиме дека најголемата моќ ја имаме ние самите – во нашите зборови, во нашите гестови и во нашата љубов. Секоја минута помината со детето е инвестиција во неговата иднина, а секој момент исполнет со смисла е подарок кој трае цел живот.