Со доаѓањето на есента и промената на времето, денот станува пократок, а телото и душата го чувствуваат тоа повеќе отколку што мислиме. Намалената изложеност на сонце влијае врз биоритмот, продукцијата на хормоните на расположение и квалитетот на сонот. Често стануваме поспани, со зголемена телесна тежина, со намалена концентрација и енергија. Телото зборува, а душата шепоти — нешто ни недостига.
Оваа состојба, позната како сезонско афективно растројство (САР), не е само психолошка туку и егзистенцијална појава. Телото го чувствува недостатокот на светлина, но умот и срцето го чувствуваат недостатокот на смисла. Како да се повлекува топлината и во нас – сè додека не научиме да ја пронајдеме внатрешната светлина што не зависи од сонцето, туку од значењето што му го даваме на животот.
Промената на времето – моментот кога „паѓаме назад“ со часовникот – често го нарушува биолошкиот ритам и кај возрасните и кај децата. Малите деца, кои се особено чувствителни на рутина и светлина, можат да покажат повеќе раздразливост, поспаност, немир или повлеченост. Затоа е важно родителите да имаат разбирање, да воведат повеќе дневна светлина, топли активности и разговори исполнети со блискост.
Од аспект на логотерапијата и егзистенцијалната анализа, овие периоди не се само тежина – тие се можност. Можност да го освестиме прашањето на Франкл: „Не што очекуваме од животот, туку што животот очекува од нас?“Секоја есен, секое затемнување, нè предизвикува да се вратиме кон суштината: љубовта, одговорноста, креативноста и односот кон другите.
Затоа, кога ќе го почувствувате тој тивок замор или безволност, запрашајте се: Каде е мојата светлина денес?Можеби не доаѓа од небото, туку од едноставен гест на нежност, благодарност или присуство.
Дури и најдолгата есен или зима на душата поминува — кога човек ќе ѝ даде смисла.