Поскапеа горивата: Дизелот над 100 денари, граѓаните повторно на удар

Од полноќ ново поскапување на горивата. Дизелот поскапува за 3,5 денари, а бензините за 1,5 денар за литар.

2 мин. читање

Од ноќеска на полноќ граѓаните повторно ќе плаќаат поскапо за гориво. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, со просечно зголемување од 2,62 отсто.

Според новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава за 93 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 95 денари, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе достигне 101,5 денари за литар.

Поскапува и екстралесното масло за горење, кое ќе чини 100,5 денари за литар, додека цената на мазутот се зголемува на 45,576 денари за килограм.

Од РКЕ објаснуваат дека причината за зголемувањето се повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Според нивните податоци, бензините поскапеле во просек за 3,795 отсто, дизелот за 4,842 отсто, а дополнително влијаел и курсот на денарот во однос на доларот.

Но, за граѓаните останува едно едноставно прашање: до кога?

Во време кога трошоците за живот постојано растат, секое ново поскапување на горивата директно или индиректно се чувствува во семејниот буџет. Горивото не е само трошок за оние што секојдневно возат автомобил. Повисоките транспортни трошоци можат да се одразат и врз цените на производите, услугите и превозот.

Па, добро, дали навистина е нормално граѓаните постојано да го носат товарот на новите поскапувања?

Дизелот над 100 денари за литар, бензинот блиску до 100 денари, а граѓаните соочени со сè повисоки сметки и трошоци за секојдневниот живот.Колку уште треба да издржи народот?

Поскапувањата не завршуваат само со горивото. Кога растат трошоците за транспорт, прашањето е колкав ќе биде ефектот врз цените на храната, производите и останатите основни потреби.

Граѓаните не бараат чуда. Бараат да можат нормално да живеат од својата плата и да не стравуваат од секое ново поскапување.

Срамота ли е ова? Прашањето веќе не е само колку чини литар гориво, туку колку уште може да издржи семејниот буџет.