ОЏАЧАРОТ НОСИ СРЕЌА

3 мин. читање

Ви текнува ли на старите верувања дека ако видите оџачар, ќе ве следи среќа?

Оџачарството е еден од оние стари занаети што некогаш биле неопходни за секое домаќинство, а денес полека исчезнуваат. Но, додека некогаш оџачарот бил редовна појава во градските маала, денес неговата работа е сè поретка, заради алтернативните методи за загревање на домовите, но потребата од него сè уште постои.

Оџачарот бил човек задолжен за чистење на оџаците од саѓи, гареж и наслаги што се создаваат при согорувањето на дрвото и јагленот. Во времето кога речиси секоја куќа имала печка, огниште или камин, неговата работа била неопходна.

Оџачарот бил и човек што ги штител домовите од пожари.

Наталожените саѓи можат да се запалат во оџакот и да предизвикаат пожар кој лесно се пренесува на покривот и на целата куќа. Затоа редовното чистење било прашање на безбедност, а не само на одржување.

Во Струмица најпознатиот оџачар е Јосе Црнгаров, кој на и 72-годишна возраст сè уште активно се занимавал со оџачарство. Според написот во ,,Сакам да кажам” од 2023 година, тој бил еден од ретките оџачари во струмичкиот крај и тогаш сè уште бил активен во својот занает.Занаетот го научил работејќи како парноложач во некогашната фабрика „Треска“.

Со почетокот на грејната сезона имал многу работа. Со велосипед и потребната опрема одел од куќа до куќа, а работел и во станбени згради.

Според неговото сведоштво, работел на две до три куќи или згради дневно. Чистел најмалку шест до осум оџаци на ден. Се качувал на покриви на објекти високи и до 30 метри.

За чистење на еден оџак му биле потребни околу 20 минути, доколку немало посериозни пречки. Сепак оџачарството е една од поризичните работи во која човек мора да има повеќе вештини и да биде физички подготвен за да ги издржи висините и ризиците на крововите.

Во многу европски земји, па порано и ксј нас, оџачарот се смета за симбол на среќата. Постои обичај човек да допре копче на палтото на оџачарот или да види оџачар на почетокот на годината за да го следи среќа.

Бидејќи оџачарот помагал да се спречат пожарите и да се зачува домот, неговото доаѓање се поврзувало со благосостојба и заштита.

Слика: Франс Вилхем Оделмарк 1898 г.