Здружението за култура Транзен по осми пат ја организира изложбата „Несовршен простор“, која оваа година ќе се одржи на 23 октомври во Метаноја галерија – Metanoja Gallery – Скопје.
Темата на овогодинешното издание е ЛИЦА, преку која се трага по односот на македонските ликовни уметници кон портретот и се поставува прашањето дали лицата сѐ уште се во фокусот на современата македонска уметност.
Во концептот на изложбата, традиционално се бараат синхронизациите меѓу просторот во кој се создава и просторот во кој се изложува ликовната креација. Оваа година, „Несовршен простор“ ќе понуди синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци од различни генерации, кои активно создаваат во своите ателјеа.
На изложбата учествуваат: Сергеј Андреевски, Ниче Василев, Томе Мишев, Синиша Новески, Тони Попов, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Стефан Младеновски, Игор Мишев, Мартина Спасовска и Никола Тренов.
Традиционално, на изложбата ќе биде доделена и престижната награда „Владимир Георгиевски“ – Златен лист, во сеќавање на големиот мајстор на ликовната уметност, професорот Владимир Георгиевски. Жирито за овогодинешната награда го сочинуваат: Андреј Митевски – скулптор, Јасмина Котевска – историчарка на уметноста и Фросина Георгиевска – претставник на фамилијата Георгиевски.
Изложбата се реализира во соработка со Галерија Метаноја и фамилијата Георгиевски, под покровителство на Министерството за Култура и Туризам на Р. Македонија.