Струмица, градот кој некогаш беше синоним за спортски успех и „пекол“ за противниците ширум Европа, денес се соочува со сериозна криза. Додека спортот во Македонија се развива во другите центри, во Струмица тој полека, но сигурно згаснува. Фанклуб Беласица Струмица излезе со опсежна анализа за состојбата во четирите клучни спорта, упатувајќи критика до сите одговорни чинители.
Фудбал: Надеж за ПМФЛ и потреба од засилувања
Иако 2025 година се оценува како „година за заборав“ за двата фудбалски колективи, во ФК Беласица сепак тлее пламен на оптимизам. Клубот успеа да се врати во игра за врвот и заостанува само 4 бода зад лидерот Охрид Лихнидос.
- ФК Беласица: Како клучна победа на годината се издвојува триумфот над Брегалница во Штип. За враќање во Првата лига, навивачите сметаат дека се неопходни 3-4 квалитетни засилувања.
- ФК Тиверија: Пофалена за организацискиот напредок и професионализмот, но се нотира дека сеуште недостасуваат сериозни резултати на теренот.
Кошарка: Од плеј-оф редовност до децениско отсуство
Струмичката кошарка, која прва играше финале во независна Македонија, денес е далеку од старата слава.
- КК Струмица: По борбата за опстанок минатата сезона, сега тимот се бори за влез во Прва лига преку плеј-офот.
- КК Ролинг: Тимот со млади играчи во Втора лига без сериозна улога. Пораката е јасна: Струмица нема капацитет за два клуба – потребна е консолидација под едно име: КК Струмица.
Ракомет: „Трагедија од епски размери“
Најкритична е состојбата во ракометот. Додека Македонија има една од најсилните лиги во Европа, Струмица нема ниту еден активен клуб. По гаснењето на РК Астраион поради недостаток на спонзори, градот е оставен на маргините. Навивачите апелираат дека е срамно Струмица да биде „под“ помалите градови од регионот на ова поле.
Одбојка: Гордоста се уште се брани со срце
Иако ОК Струмица се соочува со ривали кои имаат далеку поголеми буџети (особено од Штип), тимот со млади сили сеуште е во игра за титулата. ОК Македонија Џио, пак, се фокусира на младинската школа, но е далеку од времето кога се бореше за трофеи со Работнички.
АПЕЛ ДО ОПШТИНАТА И БИЗНИС СЕКТОРОТ
Од Фанклуб Беласица потенцираат дека одговорноста е кај локалната власт и бизнис заедницата.
„Локалната власт мора да изгради стратегија за развој на спортот, која ќе опфати не само буџетот на Општината, туку и активно вклучување на бизнисмените. Будењето на спортска Струмица треба да биде императив во новата 2026 година!“ – порачуваат навивачите.
Дали Струмица ќе го врати својот спортски идентитет или ќе продолжи да тоне во просечност, останува да видиме во годината што следи.