Негрижа за културното наследство

3 мин. читање

Недвижните културни добра се физички маркери кои ја потврдуваат самобитноста и културниот континуитет на една заедница или нација. Тие се живи сведоци на нашето минато, чувари на колективната меморија и темел на националниот идентитет. Тие го раскажуваат патот на цивилизацијата, од праисторијата до денес, овозможувајќи им на сегашните и идните генерации да се поврзат со своите корени и да го разберат сопствениот идентитет.

Спомениците и локалитетите служат како единствени училници на отворено, каде што историјата може да се почувствува и доживее. Тие се извор на инспирација за уметноста, архитектурата и науката, поттикнувајќи ја креативноста и истражувањето.

Заштитата и зачувувањето на недвижното културно наследство не е само обврска кон минатото, туку и инвестиција во иднината. Со тоа, ние обезбедуваме богатството на човековото творештво да биде достапно и за следните генерации.

Во Македонија, централна институција за спроведување на заштитата е Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), која работи во соработка со мрежа на регионални заводи, музеи и конзерваторски центри.

Еден таков споменик на културата во Струмица е и куќата на Аџитосци или заведена како – Куќа на ул. „Кирил и Методиј“ бр. 41. Според управата за заштита на културното наследство во регистарот за заштита на недвижно културно наследство (види извори) стојат следните решенија:
Решение 70 од 10.06.1953.
Дополнување 03‐88/1 од 06.06.1981. ЗЗСК, Струмица,
Дополнување 10‐30/1 од 04.07.1996. ЗЗСК, Струмица
Решение за прогласување културно наследство во опасност Уп. бр. 18‐140 од 13.03.2020.

Со што јасно се гледа дека цели 5 години можело да се интервенира за да се спаси овој историски споменик но бил оставен да се сруши со што е дозволене дел од идентитетот на градот и на народот да се избрише. И само како размислување да се запрашаме дали оваа некој намерно го прави? Во Струга пред некое време беше уништен дел од куќата на Владо Малески, авторот на македонската химна. Во Струмица е уште полоша состојбата со спомениците на културата. Кој намерно ни ги подрива корените, кој ни го руши идентитетот и што како неследство добивме од претходните генерации, а што оставаме за генерациите после нас?

Извор:
УЗКН – регистар на недвижно културно наследство