Магичниот број 7

Дали некогаш сте се запрашале зошто телефонските броеви порано имаа 7 цифри? Или зошто листите подолги од 7 – 8 точки стануваат тешки за паметење?

4 мин. читање

Дали некогаш сте се запрашале зошто телефонските броеви порано имаа 7 цифри? Или зошто листите што се подолги од 7 – 8 точки стануваат тешки за паметење?

Во 1956 година, психологот George A. Miller од Harvard University објавил труд во списанието Psychological Review со провокативен наслов: „The Magical Number Seven, Plus or Minus Two“. Од тој момент, бројот 7 станал легенда во психологијата.

Но, што навистина значи тоа?

Експериментот опфаќа испитаници на кои им биле пуштани различни тонови што се разликувале само по висината на звукот. На почетокот – 4 или 5 различни тонови им биле пуштани на луѓето кои речиси без грешка ги препознавале.

Но кога бројот на тонови се зголемувал на 9 или 10 – точноста нагло опаѓала.

Истото се случува и со други видови информации: светлини, тежини, броеви. Нашиот ум може сигурно да разликува околу 4 до 8 различни опции. Тоа значи дека постои природна граница на тоа колку информации можеме да обработиме одеднаш.

Краткорочната меморија: зошто 7 (седум)?

Во 1956 година, George A. Miller забележал дека просечен возрасен човек може веднаш по слушањето да повтори околу 7 елементи – плус или минус 2. Тоа можат да бидат 7 цифри, 6 букви или 5 подолги зборови. Но тука доаѓа најинтересниот дел: не станува збор за „7 информации“, туку за 7 смисловни единици.

Тој во едно свое обраќање вели: „Ако ви кажам: 1 9 9 1 2 0 2 4, веројатно ќе ви биде тешко да ги повторите по ред. Но ако ги групираме како 1991 – 2024, одеднаш станува многу полесно. Истата количина податоци, но поинаку организирана.“

Ова се нарекува „chunking“ – групирање на информации во поголеми смисловни целини. Нашиот мозок не брои поединечни битови, туку обработува значења. Колку повеќе нешто има смисла за нас, толку полесно го задржуваме во краткорочната меморија.

Дали бројот 7 е навистина магичен?

Интересно е што самиот George A. Miller подоцна појаснил дека бројот 7 не е магичен – го употребил повеќе реторички. Подоцнежните истражувања покажале дека реалниот капацитет на краткорочната меморија често е поблиску до 4 елементи, особено кога информацијата е посложена.

Тоа значи дека не сме „ограничени“ на точно 7, туку дека нашата способност зависи од повеќе фактори: брзината на говорот, должината на зборовите, претходното знаење и начинот на организирање на информацијата. Колку подобро е структурирана и поврзана со нешто што веќе го знаеме, толку полесно ја задржуваме во умот.

Што значи ова за нас денес?

Во време на информациска пренатрупаност, ова сознание е поважно од кога било. Презентации со 15 точки се тешки за следење, долги инструкции без јасна структура нè збунуваат, а комплексни пораки без логично групирање прават мозокот едноставно да „се исклучи“. Нашата когниција има свои граници – и тоа не е слабост, туку природна карактеристика на човечкиот ум.

Кога разбираме како функционира меморијата, можеме да учиме подобро, да комуницираме поефикасно, појасно да ги структурираме информациите и да не се обвинуваме себеси кога не паметиме сè. Магичниот број 7 не е доказ дека сме ограничени, туку потсетник дека умот функционира по одредени правила. Кога ќе ги разбереме тие правила, можеме да работиме со мозокот, а не против него. А можеби вистинската магија не е во бројот, туку во начинот на кој му даваме смисла на светот околу нас.

Автор:
Психолог и логотерапевт (психотерапевт), посветен на унапредување на менталното… повеќе