Левица: Загадувањето е директен напад врз здравјето на граѓаните

Постизборно Левица е единствената партија која има советници во советот на Општина Струмица, а која јавно проговори против загадувањето во соопштение на својата Facebook страница.

2 мин. читање

Локалниот огранок на политичката партија Левица во Струмица упати остри критики до локалната и централната власт поради алармантното загадување на воздухот во градот. Од партијата велат дека енормното загадување веќе не е само „сезонски проблем“, туку претставува директен напад врз здравјето на граѓаните, додека институциите одговараат со молк и префрлање на вината.

Од Левица потенцираат дека и покрај секојдневните пријави од граѓаните, инспекциите на терен изостануваат, а одговорност за загадувачите нема.

„Овој игнорантски однос е јасен показател за нефункционален систем кој ги става интересите на моќниците пред здравјето на граѓаните“, стои во соопштението.

Партијата потсетува дека токму решавањето на овој проблем беше едно од главните ветувања на новата локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за време на изборната кампања. Денес, според нив, наместо ветените брзи решенија, граѓаните се оставени сами да се справуваат со институционалната незаинтересираност.

ЛО Левица Струмица упати неколку конкретни барања до локалните власти со цел итно подобрување на состојбата:

  • Итни и редовни контроли на сите потенцијални загадувачи.
  • Итно вработување на двајца нови инспектори за животна средина (наместо партиски вработувања).
  • Постапување по пријавите на граѓаните без одложување.
  • Исполнување на предизборните ветувања преку конкретни мерки.
  • Целосна транспарентност на институциите.

Извор:
Facebook страната на Левица – Струмица