Постојат луѓе кои со својата дарба успеваат да кажат повеќе отколку што некој друг би можел да изговори со илјадници зборови. Луѓе кои преку движењето, гласот, поезијата, музиката и ликовниот израз создаваат простор во кој човекот повторно се среќава со сопствената чувствителност. Перцепција за само неколку различни уметнички светови во кои сакаме сите ние да протнеме подлабоко, различни генерации и творечки патишта, но со една заедничка карактеристика: зад нив стојат талаент, работа, автентичност и потреба нешто да се остави зад себе.
Арна Шијак и нејзината способност за говорот на телото, умешноста да ја претвори сцената во простор на изразување, а движењето во порака. Сашо Гигов Гиш, чиј творечки распон се движи од звукот до говорот, од интерпретација до сценскиот израз. Никола Маџиров, поетот кој покажа дека поезијата не мора да остане затворена во книгите и академските кругови, туку може да стигне до младите, до нивната внатрешност, до оние простори на човечкото битие за кои секојдневниот јазик често нема доволно зборови. Влатко Стефановски, кој од музичкиот инструмент создаде препознатлив универзален јазик. Никола Ристановски, кој преку актерската интерпретација покажува дека театарот не е само изговорен текст, туку психолошка длабочина, присуство и способност да се допре човековата свест. Лидија Димковска, која преку книжевноста ги отвара прашањата за идентитетот, припадноста и човековата егзистенција. Сергеј Андреевски, кој преку бојата, формата и сопствениот визуелен јазик создава поинаков начин на комуникација со светот. Низата за таквата перцепција може да биде уште продолжена, како мелем за душата и естетски привлечна за телото.
И токму тука започнува непријатната споредба со нашето секојдневие. Од една страна имаме луѓе кои со години го градат сопствениот израз, а од друга страна политички говорници чиј секојдневен памфлет, кога би се ставил на кантарот не би тежел повеќе од 25 грама на некое малско пазарче. Зборови има на претек. Изјави, прес-конференции, историски успеси, драматични предупредувања и уште подраматични обвинувања. Но, кога ќе се отстрани политичката амбалажа,останува едно едноставно прашање: колку од сето тоа навистина го менува животот на човекот?
Проблемот, сепак не е само во оние што зборуваат. Поголемиот проблем е всушност кај оние што слушаат, но веќе одамна престанале да прашуваат. Во општество во кое дел од граѓаните ја мерат успешноста според личната корист, будноста станува чудна категорија. Не е толку важно дали улиците се распаѓаат, дали јавниот простор исчезнува, дали институциите функционираат и дали младите имаат перспектива. Поважно е дали ќе се најде некоја поволност, некоја врата што ќе се отвори за личен интерес. Дали ќе се добие можност да се изгради некоја вила, да се замени автомобилот, да се отиде барем трипати на море. И така, додека некој создава уметност за да го прошири човековиот внатрешен свет, друг создава политичка слика за да го стесни неговиот поглед кон сопствениот двор. Можеби затоа денес нѐ ни недостигаат зборови. Ни недостигаат мерила. Ни недостига способноста да разликуваме вредност од популарност, творештво од пропаганда, јавен интерес од лична привелегија. Зашто вистинската големина на еден човек не се мери со бројот на неговите настапи, ниту според бројот на луѓето што му аплаудираат. Се мери според она што останува кога ќе замолчи.
А можеби токму тоа е најголемиот парадокс на нашето време: оние што имаат што да кажат често не добиваат доволно простор, додека оние што имаат најмалку суштина добиваат најмногу микрофони. И додека едните се обидуваат да го разбудат човекот преку уметноста, другите успешно го убедуваат дека е доволно да биде буден само тогаш кога ќе треба да го подигне телефонот за да провери дали пристигнало следното ветување.
Зашто едно општество не се препознава само по оние што управуваат со него, туку и по оние што ги возвишува, по вредностите што ги наградува и во тишината што ја прифаќа.
Томе Христов, Етнолог и антролог