Ацо Ѓоргиев, роден 1970 година, вработен во Општинска установа Дом за деца и млади “Благој Мучето” – Струмица. Неговата библиографија најмногу е збогатена со книги афоризми, самостојни и заеднички со повеќе автори. Како афористичар застапен е во повеќе антологии на македонскиот афоризам, антологии на балканскиот афоризам, како и во повеќе алманаси и зборници, меѓу кои и “Зборник на роднокрајни афористичари”. Член е на “Афористичка репрезентација на Македонија” и на “Белградски афористички круг.”
Има настапувано на повеќе фестивали на сатирата во Р. Србија и Р. Бугарија и секако, кај нас на многу Вечери на македонскиот афоризам. Добитник на повеќе награди и признанија на полето на афористиката.
Покрај афоризми, пишува поезија, кратки раскази, драмски текстови, хаику и др. Во 2023 година ја објавува книгата со кратки раскази-анегдоти на струмички дијалект насловена “Прикаски у три реда и еден уврт”, досега единствена таква книга издадена во Струмица. Моментално работи на втората книга анегдоти, како продолжение на првата, наречена “Дешавки”. Во 2024 година има напишано драмски текст, комедија на струмички дијалкт со наслов “Струмички шерифи”. Работи и на други книжевни проекти кои ќе бидат обзнанети кога за тоа ќе дојде време.
Во продолжение и стиховите од песната:
АКО И ТИ ЗАМИНЕШ НА ПЕЧАЛБА
Ако и ти заминеш на печалба,
таму некаде на студениот север,
ќе ти пратам два – три крака
од сонцето македонско да те грее.
Ако и ти заминеш на печалба,
понеси торба со книги на кирилица,
за да еден ден семјеното стебло
не го дополнуваш со имиња на латиница.
Ако и ти заминеш на печалба,
таму некаде далеку, не знам каде,
Библијата нека ти е при рака,
оти можеби таму на друг бог се молат.
Ако и ти заминеш на печалба,
што ли ќе остане од Македонија?
Во дворовите плевели, во нивите џбунови,
патиштата низ полето зашумени.
Ако заминеш, нема да викнам тапани
и зурли да го свират “Тешкото”
и вака ни е претешко, оловно,
на душата бигори натежнале.
Ако заминеш, знам – враќање нема.
Во туѓо огниште оган ќе палиш,
во нашето ќе останат гламни недогорени,
од туѓа градина плодови ќе береш,
нашата чавки ќе ја колваат.
Ако сепак заминеш – мајка нема да може
солзата таговна да ја сокрие,
а татко – што друго може освен
благослови да реди: “Да си ни жив…”