Ве поканивме, за да го чуеме гласот не само на актерот, но и на човек со културна и општествена позадина. Бидејќи актер, сте чувствителна кон човечката, индивидуална, но и општествена природа.
Ви благодариме што ја прифативте поканата.
- Добар ден и ви благодарам и на вас што одвоивте време за мене и што сакате да слушнете што имам јас да кажам.
За нас е важно да го чуеме гласот на млади и интелигентни луѓе кои знаеме дека се трудат да направат нешто повеќе за својот град. За почеток да ни кажете колку мислите дека е важен театарот за градот?
- Мислам дека културата генерално е двигател на едно општество. Театарот за мене пред се е најважен, иначе не би се бавела со оваа професија. Театарот изградува, театарот критикува, театарот воспитува потреба од култура
Како мислите дека публиката се променува, како реагира на вашата работа?
- Магијата е иста, театарот не може да умре. Просто ние и публиката мораме да го чуваме театарот, заради тоа што за мене нема поента животот без култура. Замислете си еден ден без музика. Замислете си еден ден без звук.
Дали отсекогаш сте знаела дека сакате да бидете актерка?
- Да, откога почнав да размислувам или да знам за себе си, знаев дека ќе бидам, не сакам да бидам, а ќе бидам актерка.
Дали уште постои тој предизвик во вас да се докажете прво и пред својот родител актер, да се докажувате пред себе и да се докажувате постојано пред публиката која знае дека вашиот родител е актер?
- До пред некое време го имав како товар тоа дека сум дете на актер, веројатно ми беше наметнато од средината. Сега веќе не размислувам за тоа. Во улогата што ми е дадена си ги отворам емоциите и го пренесувам тоа што за мене е вистина. Ако јас ја кажам мојата вистина, не може да не биде горда публиката, татко ми или јас. Мојата вистина од тој лик е само моја и не може да не го пробие ѕидот и да не допре до публиката и да се пренесе со дополнителна енергија или емоција од другата страна.
И пред интервјуто ви кажав дека според мене се развивате и како човек и како актер, дури и да играте слични улоги внесувате нова енергија, ново чувство и убаво ги доживувате пред се сама ликовите.
- До крајот на животот еден актер игра, до крајот на животот се развива. Секоја нова улога е од првата буква. Многу ти благодарам што ете си видела напредок и јас се трудам со секоја улога максимално да сум посветена на тоа заради тоа што еве за време на короната ние не работевме и некако јас не постоев целосно, заради тоа што ние живееме за аплаузот, живееме за енергијата, којашто ја добиваме од публиката, моментот, кога јас ќе ве почуствувам вас, т.е публиката.
Да ни кажете која е според вас вашата најдобрата улога?
- Најсакана можам да кажам.Најтешко стигнав до ликот. Ми беше најтешко да го изградам. Тоа е Лаура од “Стаклена менажерија“, лице со инвалидитет и асоцијална личност, а јас сум многу спротивно од тоа, многу социјална личност.
За мене лично исто тоа ви е најдобрата улога.
- Баш ти фала. Имав проблем таму со скротување на мојата приватно широка ѓестикулација, а таму се работи за еден асоцијален тип и мислам дека тоа ми е нај нај сакана улога за сега, заради тоа што ми е било најтешко да стигнам до тој лик.
Која ви е најомилена претстава? А која мислите дека и е најомилена на публиката?
- Не знам, на публиката најчесто и се омилени комедиите. Еве нека биде “Стаклена Менажерија “ исто, заради тоа што се работи за комплексен лик, не дека не сум имала такви тешки улоги. И во “Црна дупка “ од Горан Стефановски, ликот којшто го играв, за којшто добив награда, но “Стаклена менажерија “ сепак ми е еден од најтешките ликови.
Дали има претстави коишто публиката ги бара да се играат?
- Па да, се додека има публика претставата живее, има претстави, коишто еве заради короната умреа на еден начин. Генерално, кога снемува публика, се тргнува од репертоар и се ставаат нови претстави. По што ние сме многу малу луѓе во театар и не можеме да држуваме толку многу претстави.
Дали мислите дека треба да се зголеми бројот на актерите?
- Да, да. Конечно имаме нова колешка. Се надевам и се молам да биде само почеток, заради тоа што нас ни фалат млади актери, коишто ќе потикнат една нова енергија, една свежина и кои на нас ќе ни донесат радост и дополнителна желба да ствараме.
Дали осеќате подршка од министерството за култура, од општината и дали тоа се менува во годините кога различни партии се на власт или осеќате една константа, дека за момент на пропаганда се за културата, а во реалност не осеќате подршка. Имам во предвид условите, во коишто работите и новиот театар/стариот кој веќе не знам за кој пат се отвара и се сечат ленти.
- 13 години мислам дека се гради. Значи, од кога сум во театарот, скоро секоја зима го “отвараат“ театарот. За мене е тоа веќе многу болна тема, за којашто многу често избегавам и да разговарам. Заради тоа што, јас сум константно во исчекување да ни дадат клуч и да имаме ние дом.
Чекајќи го Годо?
- Точно така. Ние буквално 40 и нешто години сме привремено во туѓ објект. Центарот за култура не е театар. Ние си имаме преубав театар. Секоја година ни кажуваат сега ќе биде, сега ќе биде и јас веќе да ви кажам не верувам на ветувањата. Кога ќе го видам клучот и кога ќе ни кажат сцената е ваша дури и тогаш мислам дека нема да поверувам. Многу време сме лажени, дека уште оваа зима, ќе го јадеме студот, не само ние и вие како публика доаѓате со јакни и шалови, за да гледате представа. Јас ви се восхитувам. Мене многу многу политика не ме интересира, ама реално ни влијае и на здравјето. Мислам дека треба конечно да се заземе став и да не не лажат, туку да ни направат дом. Ние немаме свој дом. И многу често мене ми било срам во каков објект јас работам, што за тоа не сме ние криви, а неколку пати мене ми имаат кажувано каков ви е објектот. Јас ли треба да го изградам? Не разбирам.
Тоа е слично и со градот со дупките, со улиците и кога треба некој да го посети градот и да му покажеме нешто, нас ни е срам од состојбата во која се наоѓа градот.
Како би ја заштитила каузата дека треба да се инвестира во култура?
- Мислам дека Министерството за култура треба повеќе да го одврзи ќесето, општината исто. Иако ние сме под Министерството за култура, на општината и одговара да луѓето во Струмица се културно издигнати. И мислам дека малку повеќе и општината треба да помага на театарот, министерството да ги зголеми буџетите за театарски претстави, да обрне внимание на условите во коишто работиме не само ние, скоро сите театри во Македонија. Така да конкретно да се види кој е проблемот, да се решаваат проблемите, да не се оставаат за утре, задутре или не знам колку години.
Дали вие самите актери имате глас во организацијата на фестивалот “Ристо Шишков”?
- Не, тоа морам многу гласно да го кажам, заради тоа што тоа е здружение на граѓани, не знам како функционира. Не е под театарот. Не е под центарот за култура. “Ристо Шишков “ си е засебно здружение, кое го организира фестивалот, подржан од општината и од Министерството за култура. Многу би сакала еден ден ”Ристо Шишков“ да подпадне под театарот, за да можеме и ние некако да допринесеме со идеите, да го направиме посвеж. Заради тоа што времето оди нагоре, не треба да се застанува во едно исто место, треба малу повеќе да се слушаат младите луѓе какви идеи имаат и за карневалот и за други културни манифестации да се слушнат луѓе што знаат што значи култура, да се слушнат луѓе што сакаат да помогнат за културата и во таков вид на манифестации, за да може утре кога ќе ни дојдат гости од страна да не ни биде срам.
Кога спомнавте гости од страна каква е соработката со соседните држави, дали вие гостувате, дали тие гостуваат? По што знаеме за блиските држави дека театарската култура е на завидно ниво?
- Порано многу повеќе гостувавме, сега пак се раздвижуваат работите. Да излеземе надвор и да покажеме на нашата публика нешто ново, а воедно ја претставуваме и нашата држава надвор, нашиот јазик, култура, нашата љубов кон театарот.
Како се осеќате, во смисла се споредувате ли, има ли културен надпревар. Каде е нашиот театар во споредба со нив?
- Реално не можам многу да пратам што се случува, заради тоа што сме многу ангажирани, по што сме малку луѓе како состав. Мислам дека почнуваме да го унапредуваме, а и да го враќаме тој стар сјај што постоел на театарот. Посебно тоа се случи лани со настапот на “Чернодрински“ кога освоивме доста квалитетни награди што предходно многу години назад не биле стигнати во рацете на струмичкиот театар и тоа ни беше голема потврда дека сме на прав пат. И дека не треба да застануваме и дека тука во Струмица, во струмичкиот театар има многу голем квалитет.
Да, и во раздвижувањето на сцената, на декорот, започнувате да го пратите модерниот тренд.
- Да, мора да се прати трендот преку режисерите што ги носиме. Сега работиме со режисер од Бугарија, има соработка посебно на Балканот. Во моментот го работиме Молиер и гледаш еден друг начин на работа и може би утре и ти ќе прифатиш нешто од тој начин за градење овде. Така да доста е интересно да се оди на патување и да се запознаат други енергии, други видувања на театарот.
Како што го започнавме нашиот разговор, дека вие сте човек којшто работи и допринесува за развојот на културата во градот, ова се потврдува развивајќи се сами како актер, работите и за развивањето на театарот и културата на градот.
Дали осеќате глад за култура?
- Моментално се случува една нова ера во Струмичкиот театар се појавија едно петнаесетина деца од Земјоделското училиште во Струмица и како тие се однесуваат кон нас, како бараат од нас, мислам дека има многу голем недостиг на култура и со самото нивно појавување јас добив едно освежување. Зрак на надеж и тие деца не мотивираат да правиме уште повеќе, заради тоа што во нив е иднината, а они се константно кај нас и бараат од нас и сакаат да работат и еве добив како просветлување дека има зошто постоиме, дека утре ќе има и други деца, коишто ќе го работат тоа што јас го работам дај Боже многу подобро.
Да завршиме со последната претстава “Децата на светот”. Децата емигрираат и ги оставаат родителите, тука има и очај и надеж. Дали вие сте оптимист за нашето опшество?
- Има денови во кои сум оптимист. Може би како што зборувавме за театарот којшто се прави толку многу години, 11 години чекаме театар. Во претставата чекаат автопат да се изгради, за да се подобри економски регионот и децата да им се вратат. Чекаме подобро општество, образование, култура.
Може би треба сите како вие што правите, не чекате, а тоа што го умеете најдобро го работите со цела сила и волја. Вашата улога за подобро општество, преку подобар театар си ја одигрувате максимално добро. Може би секој од нас тоа треба да го прави.
- Да секој од нас треба да тргне од себе си, од најмалите работи да правиме се што можеме, за да изградиме едно поздраво општество за сите.