По поднесувањето на кривичната пријава од страна на СВР Струмица за злоупотреби при набавката на електричните автобуси, експресно се огласи поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов. Тој во целост ги отфрла сомневањата за сторени кривични дела и тврди дека постапката била транспарентна и законска.
Костадинов во својата реакција потенцира дека станува збор за проект од стратешко значење, кој веќе дава видливи резултати за граѓаните.
„Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица. Верувам дека сите чекори се спроведени според важечките закони“, истакна Костадинов.
Во одбрана на спроведената постапка, поранешниот градоначалник појаснува дека набавката не била индивидуална одлука, туку процес кој поминал низ институционалните филтри на Општината.
Костадинов најави дека тој, а верува и останатите опфатени со пријавата, стојат на располагање на истражните органи за да ја докажат невиноста.
„Сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои што постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект“, додава тој.
Иако случајот добива голем одек во јавноста, Костадинов во својата изјава се воздржа од политички квалификации, кратко коментирајќи: „Политички коментар не би сакал да давам“.