Човек не треба да бара апстрактна смисла на животот. Секој човек има свој специфичен повик или мисија во животот, која треба да ја исполни. Затоа ниту еден поединец не може да биде заменет, ниту неговиот живот може да се повтори. И токму затоа, целта на секој човек е единствена, како што е единствена и неговата способност да ја исполни.
Логотерапијата на Виктор Франкл, која својата психотерапевтска работа ја темели врз концептот на смислата – логосот, е особено значајна и денес. Како што смислата во животот на човекот не се открива преку ноќ, така и значењето на многу од она што наставникот го прави во училницата не може веднаш да се види.
Зад една лекција, еден разговор, една пофалба, еден совет или една дадена шанса, понекогаш стои нешто многу поголемо – влијание врз еден човечки живот.
Затоа, за изборот на професијата наставник треба да постои еден внатрешен предиктор – повикот. Наставата не е само професија. Таа подразбира секојдневна работа со ученици, родители, колеги, стручни служби, институции и, пред сè, со луѓе.
За сето тоа да има вистинско значење, потребни се внатрешен жар, мотивација, посветеност и љубов кон она што се прави. Зашто вистинскиот наставник не пренесува само знаење – тој остава трага.
А понекогаш, значењето на таа трага станува видливо дури години подоцна.
Честит Светски ден на учителот на сите оние кои во својата работа го препознаваат својот повик, мисија и смисла.