Денес, порталот „Моја Струмица“ одбележува една година од своето постоење. За нас, ова не е само обичен јубилеј на една медиумска платформа. Ова е прослава на 365 дена неуморна борба за вистина, култура, транспарентност и правото на секој граѓанин да ја знае реалноста – без призма.
Огромна благодарност до сите вас кои ни испраќате материјали, документи и информации, до сите вас кои ја чувствувате нашата искреност и кои препознавте дека нашите намери се чисти.
Нашата главна водилка од првиот ден беше јасна: разоткривање на вистината и ставање на фактите пред очите на јавноста. Но, кога вистината ќе излезе на виделина, таа честопати боли. Токму затоа, со нашата упорност и отвореност, станавме трн во око.
Овој портал никогаш немаше да биде тоа што е без нашиот извонреден тим. Сакаме да оддадеме огромна благодарност до секој еден член на редакцијата и соработниците. Секој од вас е стручен во својата област и несебично дава дел од себе, од своето време и знаење, за развојот на платформата „Моја Струмица“. И што е најважно – сето ова го правиме без никаква финансиска надокнада. Нашиот единствен мотив е длабокото уверување дека она што го правиме е правилно. Кога се работи за нашиот град, љубовта и интегритетот се посилни од сè.
365 дена приказни – 365 дена со Струмица.
За една година објавивме многу вести, приказни, настани, култура, образование, уметност, философија, психологија и психотерапија и теми од секојдневниот живот.
Понекогаш пишувавме за нешто што се случува токму пред нас, а сме заборавиле да го видиме, понекогаш за нешто далечно што нè натерало да размислиме и да погледнеме поинаку на светот околу нас.
За подобра и поубава Струмица.
За еколошка средина!
За пообразовани луѓе.
За град во кој вреди да се живее.
Тимот на Моја Струмица
2025–2026