Значењето на регионалната депонија „Шапкар“ дополнително ќе се зголемува со оглед на плановите во иднина тука да се депонира комуналниот отпад не само од четирите општини во Струмичкиот Регион, туку и од целиот Југоисточен и Вардарски плански регион. Со оглед на ваквиот значително зголемен обем на отпад, остануваат отворени прашањата дали и како се планира проширување и зголемување на физичката површина на депонијата, како и дали самиот локалитет ја има потребната инфраструктура и капацитет да ги прими сите овие дополнителни количества.
Со цел да се стават под контрола сегашните ризици пред проширувањето на опфатот, Општина Струмица започна со етапно покривање на наталожениот отпад со земјен слој од 50 сантиметри за да се спречат честите пожари. Покрај градежните работи со соодветна механизација, локацијата е ставена под 24-часовен видеонадзор, обезбедена е со чуварска служба и дежурна механизација за итни интервенции, а се очекува и обновување на механизацијата на ЈПКД „Комуналец“ за поефикасно одржување на депонијата.