Денеска, со почеток во 19 часот, во салата „Парк“ во Струмица, машката сениорска репрезентација на Македонија против моќната селекција на Холандија го започнува својот јубилеен десетти настап во Европската лига. За разлика од претходните изданија кога ова натпреварување беше поделено на Златна и Сребрена лига, од оваа година тоа е обединето и добива целосно ново и многу поголемо значење. Натпреварувањето ја презема и улогата на квалификациски циклус за Европското првенство во 2028 година, со што автоматски добива на квалитет, сериозност и дополнителен резултатски притисок. Македонската репрезентација во Струмица е на домашен терен заради големиот број на струмичани во тимот.
Македонија е домаќин на првиот турнир токму во Струмица, каде покрај денешниот меч со Холандија, в недела во истиот термин од 19 часот ќе го пречекаме и Луксембург. Вратите во салата „Парк“ за сите верни навивачи ќе бидат отворени во 18 часот, а билетот за овие исклучително важни натпревари чини симболични 100 денари. Нашите момци ја заслужуваат целата поддршка од трибините за победнички старт на овој нов и важен европски пат.
Извор:
– vfmkd.mk