Негативните демографски трендови во Општина Струмица наметнуваат итна потреба од реорганизација на човечките и материјалните ресурси во образованието. Предлог оптимизацискиот план пред советниците го образложи Александра Ќосева, советник во одделението за образование при Општина Струмица. Според последните податоци, општината се соочува со сериозен парадокс – бројот на ученици континуирано опаѓа, додека наставниот кадар се зголемува.
На територијата на општина Струмица моментално функционираат 9 централни и 10 подрачни училишта, во кои учат вкупно 4.855 ученици од прво до деветто одделение. Сепак, состојбата е критична во руралните средини. Во подрачното училиште во село Раборци има само 2 ученика на ниво на целото училиште, додека во село Водоча наставата ја посетуваат вкупно 8 ученика. Додека просечната големина на една паралелка во градот изнесува 21,67 ученици, во населените места тој просек паѓа на само 11,4 ученици. Ова е далеку под законскиот минимум кој предвидува најмалку 20 ученици по паралелка. Просекот на ниво на целата општина изнесува 17,4 ученици.
Анализата на бројките од изминатите години јасно ја отсликува демографската криза. Во учебната 2020/2021 година Струмица имала 598 првачиња и вкупно 5.023 ученици. Оваа учебна 2025/2026 година бројот на првачиња падна на 524, а вкупниот број на ученици изнесува 1.855, со загрижувачки проекции дека следната учебна 2026/2027 година бројот на првачиња дополнително ќе се намали на околу 500 дечиња.
Најголемиот предизвик лежи во фактот што додека бројот на деца се намалува, бројот на просветните работници доживува огромен раст. Во учебната 2020/2021 година во општина Струмица имало 394 наставници, а денес таа бројка е искачена на дури 545 наставници. Поради ваквиот сооднос, во моментот во Струмица еден наставник доаѓа на секои 12,5 ученици. Овие показатели јасно укажуваат дека локалната самоуправа мора брзо да пристапи кон нова стратегија за оптимизација и реорганизација на училишната мрежа.