Секторот за внатрешни работи Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против две службени лица во Општина Струмица поради основано сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавите се поднесени против 38-годишната С.Р. и 61-годишната С.О., двете од Струмица, кои со своите постапки овозможиле легализација на дивоградба и стекнување на противправна имотна корист за приватен инвеститор.
Првопријавената С.Р., во својство на раководител на Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште, ги пречекорила границите на своите овластувања така што издала Одобрение за надградба на станбена куќа, иако за истиот објект општинската градежна инспекција веќе имала донесено Решение за отстранување. Таа го издала ова одобрение без да побара официјални податоци за евентуални неправилности од инспекцијата, а притоа се потпишала и во полето наменето за градоначалник.
Второпријавената С.О., како овластен градежен инспектор, постапила спротивно на Законот за градење бидејќи по презентирањето на одобрението не поднела предлог за негово поништување, што била должна да го стори доколку утврди дека е спорно. Наместо тоа, при контролниот надзор таа констатирала дека нема неправилности, ја прекинала постапката и го поништила претходното решение за уривање на бесправната градба. Со овие дејствија, пријавените му овозможиле на правното лице-инвеститор да ја легализира доградбата и да стекне противправна имотна корист преку продажба на бесправно доградените станбени површини.
Извор:
– Facebook страна на МВР