Од старогрчки јазик глаголот (ὑποκρίνομαι) хјупокриномај значи ,,одговарам”. Од древни времиња со доаѓањето на пролетта во чест на богот Дионис излегувале хорови, пеејќи песни со цел славење на радоста од вечното обновување на природата. Со текот на времето, еден пејач се одделил од основниот хор и започнал со реплики, слични на call и response во госпел химните. Тој човек се нарекувал Хјупокритес, од зборот одговарач. Во однос на тоа разменување на реплики започнало оформувањето на цели сижеа и се создало тоа што денес го нарекуваме ,,театар”, а пеачите ,,хјупокритај”, кои што зборуваат со луѓето, ги нарекуваме – актери. Многу векови подоцна кога авторите на Евангелијата ги пренесувале проповедите на Исус за гркојазичната публика, тие го запишале во една од најважната проповед (проповедта на планината), следното:
,,И кога се молите не бидете како оние актери (хипокрити), коишто сакаат сите да ги видат како стојат во поза за молитва на раскрсницата.“
Многу векови подоцна браќата Константин Философ и Методиј требало да го преведат овој текст на јазикот на пастирите меѓу устијата на Струма и Вардар во време кога веќе никој не ја паметел античката драма, не знаеле што значи да си ,,актер” и не знаеле за поимот – да носиш театарска маска. Затоа го создале зборот лицемер, за човек што си го премерува внимателно изразот на лицето според тоа кој го гледа во моментот и како сака да му се претстави. Тој збор како и многу други до ден денес се користат во јазиците на една третина од Европа, не само во книжевниот стил, но и во разговорниот јазик. Сите со леснотија го разбираат значењето и начинот на употреба.