Филмска рецензија за филмот HAMNET

Ѓургица Костадиновска – (професорка по македонски јазик и литература и филмски рецензент)

3 мин. читање

Режија – Chloé Zhao
Улоги – Jessie Buckley, Paul Mescal (2025 година)

Го гледав во раните утрински часови. Кога тишината станува соучесник, а сенките на ѕидовите личат на мисли што никогаш не сме ги изговориле на глас. И можеби токму затоа толку силно ме погоди. Како да му дозволив на филмот болката да добие форма, да стане нешто опипливо, нешто што не можеш да го турнеш од себе.

Ова не е филм што се прераскажува, туку се преживува. Од самиот почеток чувствував дека гледам нешто што внимателно го допира она најранливото во човекот: родителската љубов, стравот од загуба, тишината по крикот.

Иако од самиот старт, како книжевник по вокација, знаев што ме очекува – дека секој збор, секој здив води кон Шекспир и иако пресвртот не беше тајна за мене, магијата не исчезна. Напротив. Свесна дека зад оваа тишина стои еден од најголемите трагичари, го гледав филмот како да го читам „Хамлет“ од другата страна на болката. Не како драма за неодлучноста на синот, туку како крик на таткото. Познатата дилема „да се биде или не“ тука добиваше поинаква тежина, како прашање што се раѓа од загуба што нема јазик. Сознанието не ја намали тежината, туку ѝ даде достоинство. „Си ја исплакав душата“ – и тоа не како метафора, туку буквално.

Кинематографијата, целата визуелизација доведена до перфекција. Светлината што се филтрира низ гранките, лицата фатени во полутон, просторот што изгледа како да е на граница меѓу сонот и јавето. Секој кадар делува како насликана болка, мирна, но длабока. Камерата не брза, не наметнува, туку остава простор тагата сама да проговори.

Актерите пак, толку уверливи што на моменти имав чувство дека гледам нечии спомени, а не перформанс. Возрасните носат тежина во погледот, но децата – децата се срцето на филмот. Нивната природност, малите гестови, тие ја прават загубата неподносливо реална. Ништо не е пренагласено, ништо не е театрално. Само чиста, човечка присутност.

Кога заврши, не останав со чувство дека сум изгледала филм, туку дека сум поминала низ нечие тивко страдање и сум излегла променета. Некои приказни не те кршат нагло туку те распарчуваат нежно, со светлина и шепот. Оваа беше токму таква. И уште долго по одјавната шпица, во мене одекнуваше една тивка мисла: можеби зад секоја голема трагедија стои една уште поголема, тивко преживеана болка. Сѐ на сѐ – вистинска катарза!