Еразмус+ не е само патување – тоа е инвестиција во знаењето, наставата и иднината на учениците

6 мин. читање

ООУ „Гоце Делчев“ – Босилово во моментот го реализира проектот „Развивање на ИКТ компетенции и иновативни практики во поучувањето во европска културна средина“ (Development of ICT Competencies and Innovative Teaching Practices in a European Cultural Setting) во рамките на програмата Еразмус+, КА122 – Краткорочни проекти за мобилност на ученици и кадар во полето на училишното образование. За искуствата, придобивките и идните планови разговараме со координаторот на проектот, Марина Николова, наставник по англиски јазик, како и со учесниците Елена Стоилова, наставник по германски јазик, и Весна Поп-Алексова, наставник по македонски јазик.

Марина, што претставува овој проект и која беше неговата главна цел?

  • Марина: Основната цел на проектот беше да ги унапредиме дигиталните компетенции на наставниот кадар и да воведеме современи и иновативни наставни практики преку учење во европска образовна средина. Сакавме наставниците да стекнат нови знаења и практични вештини што ќе им помогнат да ја направат наставата покреативна, поинтересна и поприлагодена за потребите на секој ученик. Посебен акцент ставивме на употребата на современи дигитални алатки и вештачката интелигенција, како и на поттикнување поголема вклученост на учениците во наставниот процес.

Во кои обуки учествувавте?

  • Марина: Во рамките на проектот реализиравме две мобилности. Заедно со колешката Елена Стоилова учествувавме на обуката „AI ED: Transforming the Modern Educator“ во Барселона, Шпанија, каде што се фокусиравме на примената на вештачката интелигенција во образованието. Потоа, заедно со колешката Весна Поп-Алексова ја посетивме обуката „Make Technology Your Friend“ во Порто, Португалија, која беше насочена кон практична примена на дигиталните технологии во наставата.

Што конкретно научивте за време на овие обуки?

  • Марина : Се запознавме со голем број бесплатни дигитални и AI алатки што можат да се применуваат во секојдневната настава. Научивме како вештачката интелигенција може да помогне во планирањето на часовите, изработката на наставни материјали, прилагодувањето на наставата според индивидуалните потреби на учениците, како и во зголемувањето на нивната мотивација и активност. Дополнително, стекнавме знаења за изработка на дигитални игри, е-портфолија, дигитални приказни и други интерактивни содржини што ќе ја направат наставата уште поинтересна.

Елена, кое беше највредното искуство за Вас во Барселона?

  • Елена: Освен новите знаења, најголема вредност беше можноста да работиме заедно со наставници од многу европски држави. Разменувавме идеи, искуства и добри практики и сфативме дека сите се соочуваме со слични предизвици во образованието дека вештачката интелигенција не треба да ја заменува улогата на наставникот, туку да биде алатка што ќе ни помогне наставата да биде поквалитетна, покреативна и поблиска до учениците.

Весна, што Ви остави најсилен впечаток од обуката во Порто?

  • Весна: Обуката беше исклучително практична и инспиративна. Научивме како технологијата може да се користи во различни наставни ситуации за да се поттикне креативноста, мотивацијата и активното учество на учениците. Посебно ми се допадна тоа што секоја нова алатка веднаш ја применувавме во практични активности, па си заминавме со идеи што можеме веднаш да ги примениме во нашето училиште.

Каква корист ќе имаат учениците од овој проект?

  • Марина: Учениците ќе имаат најмногу корист затоа што ќе имаат можност да учат преку современи дигитални методи, интерактивни активности, образовни игри и содржини што ја прават наставата подинамична и поинтересна. Очекуваме тоа дополнително да ја зголеми нивната мотивација, креативност и активно учество во наставниот процес.

Дали стекнатите знаења ќе ги споделите и со останатите колеги?

  • Марина: Секако, во следниот период ќе реализираме дисеминациски активности преку кои стекнатите знаења, искуства и материјали ќе ги споделиме со нашите колеги. Веруваме дека вистинската вредност на еден Еразмус+ проект е токму во тоа – наученото да се пренесе и да стане дел од секојдневната наставна практика во училиштето.

Освен професионалниот дел, какво беше искуството да се учи во Шпанија и Португалија?

  • Марина: Искрено, тоа е чувство што тешко се опишува со зборови. Да се усовршуваш професионално во друга држава, во европска средина, е огромна привилегија. Имавме можност да ги запознаеме културата, традицијата и начинот на живот во Шпанија и Португалија, како и нивните граѓани кои се прекрасни луѓе. Тоа искуство нè збогати не само како наставници, туку и како личности. Ваквите мобилности навистина ги прошируваат хоризонтите и оставаат спомени за цел живот.

Дали проектот отвори можности за нови меѓународни соработки?

  • Марина: Апсолутно, за време на мобилностите воспоставивме контакти со наставници од основни и средни училишта од повеќе европски земји, но и пошироко. Тоа вмрежување претставува одлична основа за идни партнерства, размена на искуства и заеднички проекти, што е една од најголемите вредности на програмата Еразмус+.

И за крај, кои се вашите идни планови?

  • Марина: Ова не е крај, туку почеток. Продолжуваме активно да работиме на нови Еразмус+ проекти, да градиме меѓународни партнерства и да создаваме нови можности за професионален развој на наставниците и поквалитетно образование за учениците. Нашата цел е ООУ „Гоце Делчев“ – Босилово да биде училиште што постојано учи, се развива и ги следи современите европски образовни трендови. Еразмус+ не ни донесе само нови знаења, туку и нови пријателства, нови идеи и нова мотивација. Кога наставникот учи, ученикот добива, а тоа е најголемиот успех на еден ваков проект.