Одлуката на советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка за спортското игралиште во село Куклиш, кое содржи обележја на казино, е контрадикторно на нивната декларативна демохристијанска ориентација. Дијаметрално спротивно на конкретното гласање. Додека партиската идеологија почива на заштита на семејните вредности и моралниот интегритет на заедницата, поддршката за проект што ги изложува младите на симболиката на коцкањето во простор наменет за спорт и рекреација се коси со тие принципи.
Дополнително занимливо е тоа што сето ова се прави во период кога се заострува реториката на централно ниво кон казината и обложувалниците. Во периодот се афирмира предлог закон со кој казината ќе се дистанцираат токму од најранливите – нашата младина, учениците. Сега со овој потег на демохристијаните од Струмица најмладите и кога ќе спортуваат, ќе го гледаат логото на казиното што го донира ова игралиште.
Ваквиот потег на последната седница во Советот на Општина Струмица отвора сериозни прашања за тоа дали локалните политички интереси и бизнис влијанија станале посилни од основните идеолошки начела за кои партијата јавно се залага. Промовирањето на индустријата на игри на среќа преку јавни објекти за деца е проблематичен преседан кој ја поткопува довербата на граѓаните во политичките претставници кои ветуваат морална и општествена одговорност. Симптоматичен е и молкот на граѓанските здруженија кои во минатото жестоко ги бранеа младите од наметнување на различни идеологии, а сега кога злото ни го донесоа на терените за спорт, молчат. Се надеваме дека уште еднаш ќе се престројат на страната на заштита на нашата младина.


Веќе такво игралиште беше отворено во с. Банско.
Извори:
– Youtube видео од седницата на Советот на Општина Струмица
– Facebook страна на Општина Струмица