На 23 ноември 1963 година, британската телевизија BBC ја емитувала првата епизода од научнофантастичната серија Doctor Who. Малкумина можеле да претпостават дека приказната за мистериозниот патник низ времето ќе прерасне во еден од најдолговечните и најпрепознатливи телевизиски серијали во историјата.
Но, кој е всушност Докторот?
Патникот што не е како другите
Докторот е припадник на вонземската раса Тајм Лордс (Time Lords), која потекнува од планетата Галифреј. Наместо да остане на својата планета, тој патува низ времето и просторот, посетувајќи различни историски периоди, далечни планети и непознати цивилизации.
Неговиот вселенско-временски брод се вика TARDIS – кратенка од Time And Relative Dimension In Space. Најнеобичното е што, поради дефект на системот за камуфлажа, бродот останал во облик на стара британска полициска телефонска кабина. Иако однадвор е мал, неговата внатрешност е многу поголема.
Еден Доктор, многу лица
Една од најнеобичните идеи во серијата е способноста на Докторот да се регенерира. Кога е смртно повреден или се наоѓа во друга животозагрозувачка состојба, неговото тело се преобразува и добива нов физички изглед и личност.
Благодарение на оваа идеја, низ децениите улогата ја толкувале различни актери. Секој нов Доктор носи поинаков карактер, изглед и начин на однесување, но го задржува континуитетот на истиот лик.
Од црно-бел почеток до глобален феномен
Првата епизода, насловена „An Unearthly Child“, била емитувана во црно-бела техника. Во почетокот серијата била замислена како програма за семејна публика, со образовна компонента: преку патувањата на Докторот, гледачите требало да се запознаваат со историјата, науката и различни цивилизации.
Со текот на времето, приказните станале сè пофантастични, а серијата добила препознатливи непријатели, меѓу кои најпознати се Далеците – опасни мутанти сместени во метални оклопни машини, опседнати со идејата да го истребат секој што не припаѓа на нивниот вид.
Во 1989 година, по 26 сезони, завршило редовното емитување на оригиналната серија. Во 1996 година бил прикажан и телевизиски филм, а во 2005 година серијата се вратила со обновен серијал и продолжила да привлекува нови генерации гледачи.
Повеќе од телевизиска серија
Doctor Who е приказна за љубопитноста, храброста, пријателството и можноста секогаш да се започне одново. Нејзината најголема особеност е што може да раскажува речиси бесконечен број приказни – од средби со историски личности до авантури на крајот на Вселената.
Фото: Scaider/Wikimedia Commons/CC BY- SA 4.0
Извори:
BBC – The Genesis of Doctor Who
Doctor Who Official Website – What Is the TARDIS?
Guinness World Records – Doctor Who