За некои луѓе, петок 13-ти е само обичен ден. За други, тој е датум што треба да се дочека со претпазливост. Но зошто токму петокот, кога се паѓа на 13-ти, добил толку лоша репутација?
Одговорот не е толку едноставен. Не се знае точно кога настанало ова суеверие, но неговите корени се поврзуваат со две постари верувања: стравот од бројот 13 и негативните асоцијации со петокот.
Во западната традиција, бројот 12 често се поврзувал со целосност и совршен ред – 12 месеци во годината, 12 знаци на Зодијакот и 12 апостоли. Бројот 13 доаѓа по него и во некои традиции почнал да се смета за несреќен. Сепак, идејата дека бројот 13 носи несреќа нема едно потврдено потекло.
Петокот, пак, во христијанската традиција се поврзува со распнувањето на Исус Христос. Понекогаш стравот од бројот 13 се објаснува и преку Тајната вечера, на која присуствувале Исус и неговите 12 апостоли. Јуда, кој го предал Исус, често се поврзува со ова толкување, но Библијата не наведува дека тој бил тринаесеттиот гостин. Ниту, пак, постои сигурен доказ дека овие верувања го создале суеверието за петок 13-ти.
Една од најпознатите теории нè враќа во средниот век. На 13 октомври 1307 година, во петок, по наредба на францускиот крал Филип IV биле уапсени голем број витези Темплари – моќен верски и воен ред со значително богатство и влијание. Неговите членови биле обвинети за различни престапи, а многумина биле мачени за време на истрагите.
Поради драматичноста на овие настани, денес често се тврди дека токму апсењето на Темпларите го создало стравот од петок 13-ти. Но нема историски докази што ја потврдуваат оваа врска од времето на настанот. Затоа, ова е популарна теорија за потеклото на суеверието, а не потврден историски факт.
Всушност, најраните познати записи што јасно го поврзуваат петокот 13-ти со несреќа потекнуваат од француски текстови од 1834 година. Суеверието станувало пошироко познато во текот на 19 и 20 век, а книгите и филмовите дополнително ја зацврстиле неговата репутација.
Денес постои и посебен назив за стравот од петок 13-ти – параскевидекатриафобија.
Репутација на петок 13-ти е резултат на суеверија, културни асоцијации и приказни што се пренесувале низ генерациите. Можеби најголемата мистерија не е зошто овој ден се смета за несреќен, туку како едно верување успеало да опстане со векови.
Извори: – Library of Congress – HISTORY