Министерството за внатрешни работи (МВР) упати итен апел до родителите, наставниците и јавноста за зголемена внимателност поради појавата на екстремно насилната онлајн група „764“, за која веќе предупредуваат и меѓународните безбедносни служби, вклучително и американското ФБИ.
Членовите на оваа мрежа стапуваат во контакт со децата преку популарни платформи како Discord, Telegram, TikTok, Instagram, Roblox, Minecraft и Fortnite. Претставувајќи се како нивни врсници, тие ја стекнуваат довербата на младите, а потоа преку уцени и закани ги принудуваат да испраќаат интимни снимки, да се самоповредуваат, да вршат насилство врз луѓе и животни или да преземаат чекори опасни по живот.
Од МВР апелираат родителите будно да ги следат промените кај децата – ненадејно повлекување во себе, таинственост со телефонот, комуникација со непознати, необјаснети повреди по телото или разговори за самоубиство.
Надлежните советуваат редовен и отворен разговор со децата, без осудување, за да знаат дека можат да побараат помош доколку се уценувани. Секој сомнеж веднаш треба да се пријави во Секторот за компјутерски криминал при МВР на cybercrime@moi.gov.mk, со зачувување на пораките и корисничките имиња, но без стапување во директен контакт со уценувачите.
Извор:
– Facebook страна на МВР