Од утре задолжителна зимска опрема во возилата

2 мин. читање

Од утре, 15 ноември, започнува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите моторни возила што учествуваат во јавниот сообраќај на патиштата во Северна Македонија.

Обврската ќе важи до 15 март 2027 година, без разлика дали на патиштата има снег, мраз или други зимски услови.

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за патничките возила со максимална дозволена маса до 3.500 килограми се предвидени следните услови:

1. Возила со зимски пневматици

Зимски гуми на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри.

2. Возила со летни пневматици

Дозволено е користење летни гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, но возилото задолжително мора да поседува синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

3. Посебни правила за возилата со погон на четири тркала (4×4)

Кај возилата со погон на сите четири тркала, зимските пневматици треба да имаат минимална длабочина на шарата од 6 милиметри. Доколку се користат летни гуми, потребна е минимална длабочина од 4 милиметри, како и синџири за снег, кои зависно од типот на погонот треба да бидат поставени на соодветната оска.

Казна од 45 евра

За непочитување на законската обврска е предвидена глоба од 45 евра во денарска противвредност.

Од надлежните институции апелираат до возачите навреме да ги подготват своите возила и да ја проверат исправноста на пневматиците и дополнителната опрема.

Покрај законската обврска, зимската опрема е важен предуслов за побезбедно учество во сообраќајот, особено во периодот кога временските услови можат нагло да се променат.