Микеланџело Буонароти користел специјално изработени четки со повеќе врвови, обликувани како чешел, при сликањето на Сикстинската капела. За време на последните конзерваторски зафати и чистењето на неговото монументално ремек-дело, „Страшниот суд“, во Ватиканските музеи, експертите забележале карактеристични брановидни, паралелни потези со идентична осцилација, кои се повторуваат на неколку места – најзабележливо во приказот на косата на фигурите.
Микеланџело, кој во душата секогаш се сметал првенствено за вајар, ја пренел својата вајарска техника на ѕидот. Алатката со повеќе врвови ефикасно го имитира ефектот на „градина“ (назабено длето што вајарите го користат за обработка на мермер), создавајќи на тој начин волумен и текстура налик на релјеф во самата фреска.
Се верува дека самиот уметник ги дизајнирал и изработил овие револуционерни четки. Анализите покажуваат дека тој користел различни верзии: од помали, со три врва, па сè до големи четки широки и до 15 сантиметри, кои претставувале спој од десетина помали снопови влакна. Покрај естетскиот ефект на вкрстено шрафирање – што овозможува светлината визуелно да „трепери“ на ѕидот – овој „чешел“ му овозможил на Микеланџело да покрие поголема површина со еден потег, значително забрзувајќи го сликањето на огромната композиција, која содржи повеќе од триста фигури.
Таванот на Сикстинската капела Микаланџело и неговите помошници го сликале помеѓу 1508–1512 година. Ова ремек-дело, нарачано од папата Јулиј II, зафаќа површина од над 500 квадратни метри и прикажува сцени од Книгата на Битието, вклучувајќи го и „Создавањето на Адам“ — заедно со пророци, сибили и предците на Христос.