По страшната сообраќајна трагедија на автопатот „Тракија“ во Република Бугарија, време е сериозно да се едуцираме и подготвиме за ситуации во кои може сериозно да го доведеме нашиот и животот на другите во смртна опасност. Возењето во магла, особено на автопат, е една од најопасните сообраќајни ситуации. Најголемата опасност не е само намалената видливост, туку лажното чувство на сигурност и големата брзина со која автомобилите се приближуваат еден кон друг.
Повеќето катастрофални верижни судири на автопат се случуваат кога возачите не успеваат навреме да забележат дека пред нив сообраќајот е забавен или целосно запрен. Широкиот и правиот автопат дава илузија за лажна сигурност дека сме безбедни. Но дали е тоа така? Еве неколку многу важни правила.
1. Најважно, намали ја брзината – повеќе отколку што мислиш дека треба!
При густа магла не вози 100–120 km/h само затоа што автопатот го дозволува тоа. Возењето приспособи го на реалната видливост. Ако гледаш само 50 метри пред себе, мораш да возиш со брзина што ќе ти овозможи да запреш во тие 50 метри. Не прави нагли промени на брзината, дозволената брзина не е секогаш безбедна брзина.
2. Користи ги правилните светла!
Вклучи кратки светла. Користи предни светла за магла ако возилото ги има. Задното светло за магла користи го кога видливоста е значително намалена. Веднаш склучи ги долгите светла! Зошто? Долгите светла се одбиваат од ситните капки вода во маглата и создаваат светлосен ѕид пред тебе. Никогаш не вози само со дневни светла, бидејќи кај многу автомобили тогаш задните светла воопшто не се вклучени.
3. Држи многу поголемо растојание!
Ова може да спаси животи. Во нормални услови се препорачува најмалку двосекундно растојание, но во магла тоа треба значително да се зголеми. Не се приближувај до автомобилот пред тебе. Не се потпирај на неговите стоп-светла како единствен ориентир. Не претекнувај ако видливоста е ограничена. Не следи автомобил само затоа што тој се движи побрзо. Можеби возачот пред тебе исто така не гледа доволно добро.
4. Следи ги ознаките на патот!
Кога маглата е густа, белите линии на коловозот можат да ти помогнат да ја одржиш правилната насока. Следи ја десната рабна линија. Не гледај постојано во светлата на автомобилот пред тебе. Не менувај лента без навистина да мораш. Не прави нагли маневри.
5. Што ако маглата стане толку густа што речиси ништо не гледаш?
Ако видливоста стане екстремно мала, постепено намали ја брзината. Вклучи ги соодветните светла. Ако можеш безбедно, излези од автопатот на првото соодветно излезно место или одморалиште. Не продолжувај да возиш ако видливоста е опасно мала. Никогаш не запирај во сообраќајната лента или на коловозот на автопатот само затоа што не гледаш. Ако автомобилот мора да запре поради дефект или друга итна причина: Обиди се да го тргнеш што подалеку од сообраќајната лента. Вклучи ги сите четири трепкачи.
Ако е безбедно, излези од возилото од страната подалеку од сообраќајот и застани зад заштитната ограда.
Повикај помош на 112. Останете безбедни на патиштата во есенкиот и зимскиот период!