Рилке и розата на противречноста

7 мин. читање

Тој не поседуваше ништо. Никогаш и немал. И остави сè зад себе.

Рајнер Марија Рилке е роден на 4 декември 1875 година во Прага — тогаш дел од Австроунгарската Империја, од мајка која посакувала ќерка. Во неговите најрани години, таа го облекувала во женска облека, го нарекувала со женско име и се однесувала кон него како кон детето што не го добила. На единаесетгодишна возраст, татко му го испратил во воена академија, за која момчето било целосно несоодветно. Рилке таму поминал години, учејќи го механизмот на дисциплината и откривајќи, во просторот помеѓу воените вежби и прозивките, дека единствениот свет што за него имал вистинска смисла е оној што можел да го изгради со зборови.

Никогаш не престанал да го гради. Исто така, никогаш не престанал да се движи.

На дваесет и две години, ја запознава Лу Андреас-Саломе, интелектуалка, четиринаесет години постара од него, која станала најзначајната личност во неговиот ран живот. Токму Лу му рекла дека неговото име, Рене, е премногу меко, премногу несериозно. Таа му го предложила името Рајнер. Тој го променил без двоумење и го задржал тоа име сè до денот на својата смрт. Заедно патувале во Русија, двапати. Се сретнале со Толстој. Се спријателил со таткото на Борис Пастернак, Леонид. Овде ќе биде портретиран од големиот руски сликар. Шетал низ селата покрај Волга и почувствувал како нешто во него се отклучува, чувство за еден огромен, нескротлив духовен свет, кој ќе биде инспирација за неговите најголеми дела.

Во 1901 година се оженил со вајарката Клара Вестхоф. Добиле ќерка. Бракот набргу се претворил повеќе во некаква преписка исполнета со наклонетост, отколку класичен брак. Заедницата природно се оттуѓувала, трајна по форма, но лишена од секојдневниот живот. Рилке не можел да биде сопруг во онаа смисла во која светот ги разбирал сопрузите. Едвај успевал да остане во истиот град дури и за едно годишно време. Клара во тој период ќе стане ученичка на големиот париски скулптор, Огист Роден. Во 1902 година Рилке заминал во Париз и поминал четири години како секретар на Огист Роден, вајар чии раце, се чинело, поседувале некаков посебен, личен увид во материјалниот свет. Рилке го набљудувал Роден додека работел — бавно, опсесивно, без брзање и сфатил нешто за трпението и за создавањето на нештата, што му останало врежано до крајот на животот. Овде ќе ја напише книгата која стана еден вид прирачник за идните вајари, книгата за Роден.

Но, тој никогаш не можел да се задржи ниту на едно место. Тој се движел низ позајмени соби и гостински одаи во замоци, низ благороднички салони каде што аристократски покровители го примале – водени од љубов кон неговата поезија и тивко зачудување пред неговата неспособност да функционира во обичниот свет. Никогаш немал редовна работа. Се потпирал на великодушноста, на извонредното трпение на својот издавач, на покровители кои во него препознале нешто толку единствено, што било невозможно од него да се очекува да живее како сите други.

Потоа, во октомври 1911 година, пристигнал во замокот Дуино.

Замокот се издигал на карпа над Јадранското Море, близу Трст, и бил сопственост на принцезата Мари фон Турн унд Таксис, која му го отстапила за престој преку зимата. Едно утро, додека силен ветар дувал од морето, Рилке шетал по карпестиот раб над водата. Слушнал нешто во ветрот. Застанал. Ја извадил својата тетратка и го запишал она што го слушнал:

„Кој, ако крикнам, би ме чул меѓу ангелските чети?“

Тоа бил почетниот стих на она што подоцна ќе стане „Дуински елегии“. Таа зима напишал две песни – како и фрагменти од други, а потоа работата запрела. Ангелите замолкнале.

Потоа, војната одзела сè. Рилке бил накратко мобилизиран, поминал низ воената бирократија, а на крајот бил ослободен. Поминал години речиси без да пишува – парализиран, раселен, талкајќи низ Европа која се кинела самата себе. „Елегиите“ чекале. Десет стиха од едно недовршено ремек-дело носел со себе низ цела деценија тишина, не знаејќи дали остатокот некогаш ќе дојде. Поминале десет години. Во 1921 година, неговите покровители му овозможиле да престојува во замокот Мизо (Château de Muzot) – мала средновековна кула во швајцарскиот кантон Вале. Било студено. Било тивко. А во февруари 1922 година, музите го посетиле поетот.

За три недели, Рилке ги завршил преостанатите осум „Дуински елегии“. Потоа, како да пукнала брана, речиси истовремено го напишал целиот циклус „Сонети до Орфеј“ – педесет и пет песни. Му пишал на својот издавач, изразувајќи чувство кое повеќе наликувало на зачудување отколку на задоволство. Творештвото поминало низ него како временска непогода.

Рилке умира четири години подоцна, на 29 декември 1926 година. Имал педесет и една година. Причината била леукемија – откриена дури откако една рана на неговата рака не сакала да зарасне. Раната настанала од трн на роза. Тој берел рози во градината на својот дом во Швајцарија за една гостинка, кога прстот му се закачил и прокрварел. Инфекцијата се проширила. Лекарите откриле што се криело во позадина.

Уште пред многу години, тој самиот си го напишал својот епитаф:

„Розо, о чиста противречност,сласт да не бидеш на ничиј сон под толку очи склопени.“

Рилке не поседувал ништо. Немал адреса, немал плата, немал обичен живот. Сè што имал е поезијата и љубовта кон убавината. Вистински аскетски естет. Поет на кој му требале десет години мечтаење и сонување за една збирка поезија. Поезија која ќе се чита до крајот на историјата.

Подготвил – Никола Пијанманов