Леонард Коен, поетот на тишината и кршливоста
На денешен ден со календарскиот почеток на есента е роден Леонард Коен (1934–2016) канадски поет, светски романтичар и трубадур, писател, музичар и еден од најдлабоките гласови на современата кант авторска музика.
Песните на Коен се мали духовни соби во кои човекот се соочува со љубовта, осаменоста, верата, гревот и минливоста. Поезијата одекнува до крајот на светот низ неговите бесмртни песни за Сузан, Играј до крајот на љубовта, Мериен, Приказната за Исак, Јованка Орлеанка, Алелуја…
Коен почнал како поет и писател, а дури подоцна се посветува на музиката. Неговиот длабок, тивок глас и едноставните, но филозофски исполнети стихови го направија единствен и неповторливо автентичен.
Леонард бил длабоко посветен на духовните патувања низ уметноста. Неговата поезија не бега од светската темнина, туку се обидува да ја најде човечката светлина во неа.
Леонард Норман Коен е роден на 21 септември 1934 година во Монтреал, Канада, во еврејско семејство со литванско и полско потекло. Растел во добро ситуирано, културно и религиозно опкружување, кое силно влијаело врз неговата подоцнежна поезија.
Татко му, Натан Коен, бил сопственик на продавница за облека и потекнувал од угледно еврејско семејство. Починал кога Леонард имал само девет години. Загубата на татко му оставила трага во неговиот внатрешен свет.
Мајка му, Маша, била жена со силна љубов кон литературата и руската книжевност. Таа му ја пренела љубовта кон песната, библиските приказни и руските писатели.
Како млад, Коен се вљубува во поезијата на Федерико Гарсија Лорка, која имала огромно влијание врз него. Токму една песна од Лорка го разбудила неговиот интерес за патувањето низ медитеранскиот свет и номадскиот начин на живот како поет скитник.
Пред да почне да ги пее своите стихови, Коен бил сериозен писател. Објавувал поезија и романи, многу патувал и живеел четири години во Грција, на островот Хидра, каде што поминува значаен дел од својата младост. Овде ја среќава својата доживотна муза и инспирација Мериен, младата норвежанка која ќе изврши огромно влијание врз неговиот ран поетско-музички свет.
Неговиот живот не е пат кон славата, туку долго и упорно осамено трагање по сопствениот глас.
Интересно е што Леонард Коен не се сметал себеси првенствено за музичар. Тој бил поет кој, во одреден момент од животот, почнал да ги пее своите песни, како средновековните трубадури.
„Во сè има пукнатина. Така влегува светлината.“