Ристо Николов, ти благодариме што прифати да разговараме за порталот „Моја Струмица“. Дали ги следиш содржините на „Моја Струмица“?
- Благодарам на поканата. Секако дека ги следам. Посебно ми се допаѓа ставот на порталот кој се занимава со вистинските случувања, вести и проблеми од струмичкиот регион.
Колку време сте надвор од Македонија со семејството и каде живеете во моментот? Да не звучи како клише, нема да прашаме дали таму подобро се живее од овде, но дали планирате некогаш да се вратите во Македонија?
- Надвор од Македонија сум веќе 10 години, со пауза меѓу 5-тата, сега ја започнувам 6-тата година во Швајцарија. Тука сум со моето семејство, добро ни оди и засега нема план за враќање назад во Македонија.
Кога живееше во Струмица, професионално се занимаваше со одбојка, беше и еден од истакнатите репрезентативци. Дали продолжи да се занимаваш и таму со твојата спортска страст и на кое ниво?
- И во Швајцарија исто како и во другите земји каде што сум настапувал, сум играл во највисоките национални лиги , со голема страст и професионалност. Никаде не отсуствувала мојата љубов и посветеност кон овој спорт. Но, спортската кариера има ограничен рок на траење, посебно играчката, така да веќе не сум професионален спортист. Сега работам го една голема корпорација како администрстивец, но сѐ уште помагам во клубот како тренер во помлади категории.

Своевремено беше и политички ангажиран, но и беше активист во еколошките движења. Беше еден од гласноговорниците на слободната мисла. Што се случи, и колку тоа влијаеше во твојот понатамошен живот?
- Како и во спортот така и во сѐ друго што правев и бев активен, бев посветен максимално и со голема искреност и желба за подобро општество како што сите посакуваме. Во сите тие битки имам чувство дека на некој начин бев поразен. Некако, малубројноста на истомисленици како мене, заканите и притисоците од политичките врвови, овие предизвици не можев да ги совладам па природна реакција беше да се повлечам, иако сите субјекти во кои сум бил активен сѐ уште ги поддржувам, но пасивно.
Која е цената и тежината да се размислува и дејствува гласно и слободно во град како Струмица?
- Цената е затворање на сите врати кои ти се потребни за нормално функционирање во едно општество. Ознаката на непријател лесно се добива и потоа тешко се снаоѓаме во секојдневието. Критиката кон институцијата се разбира како личен напад, и веднаш почнува војна која тешко се добива, посебно против луѓе позади кои стојат голем капитал, институции и инструменти кои можат да ти го уништат животот за неколку моменти, твојот и на најблиските. Тоа секако не вреди, посебно кога ја немаш потребната поддршка и храброст за истрајност до крај.
Како е таму? Кои се најголемите разлики во тамошното и овдешното општество? Дали ја следиш тамошната политика или уште си фокусиран на политичката состојба во Македонија? Според тебе, дали има надеж да се промени нешто на подобро?
- Среќата ме посака кога бев во најтешките моменти на борбата, да се појави понудата за Швајцарија која свесно ја прифативме со семејството, иако знаевме дека таков чекор е значително тежок, нова земја, нов јазик нови луѓа и нова култура. Но нашите познаници македонци овде и клубот за кој настапував, направија таа интеграција да ни биде многу полесна отколку што очекувавме.
Овдешната политичка состојба ја следам, но минимално. Секако уште ја следам македонската, затоа што сѐ уште главни теми се основните човекови потреби: воздух, вода, храна, ѓубре, патишта, училишта, болници, институции. И тоа боли.

Како еколошки свесен човек и борец за животната средина, како е да се живее во високо развиени еколошки средини? За разликите и приликите овде/таму да не те ни прашуваме? Решенијата како да ни се на дофат, но секогаш остануваат или само на хартија или како предлози. Како конечно да ги спроведеме во дела?
- Решенијата се многу едноставни. Кога општествената одговорност и свест ќе ја ставиме пред личниот интерес, проблемите би се решавале многу лесно,но битката со сопствената одговорност и променување на матрицата во нашите глави, дека воздухот кој го дишеме ние и нашите деца е побитен од партијата која ни дала работно место, тешко се добива. Нам ни се потребни нови лидери на институциите кои ги решаваат нашите основни проблеми. Барајќи нови решенија на истите начини и со истите луѓе никогаш нема да добиеме. Ние ја немаме ниту превенцијата на проблемите ниту интервенцијата. Кога превентивно домот, улицата и училиштето ќе го воспитаат човекот да не фрла ѓубре насекаде, да биде учтив, да не краде, да не уништува, да не вози брзо, да не поминува на црвено, да не убива, да не мести тендери, тогаш ќе остане интервенцијата на казнување со помалку работа, а и таа за жал треба да функционира на крајот на краиштата. Без тие две дејствија, тешко нешто да се промени. Но никогаш не е доцна и секогаш има надеж.
Сега од дистанца, дали би дал некој совет кој може да влијае врз промените на одредени состојби во нашето општество, и дали би се вратил лично да допринесеш за таквите промени?
- Како совет мислам дека веќе одговорив погоре, а исто и за враќањето дома. Никогаш не е доцна, но веќе нема сили, здравје и време да се борам за истите битки во кои бев поразен. Ако 30 години поминаа во такво нешто, останатите нека ми поминат за подобри работи.