Колку пестицидите во земјоделството ни го уништуваат здравјето?

3 мин. читање

На 9 септември 2026 бугарската Агенција за безбедност на храната објави дека не пуштила во ЕУ пратка од околу 9,5 тони пиперки од Македонија поради надминати максимално дозволени остатоци од пестициди. Пратката е предвидена за уништување.

Колку вакви производи остануваат на нашиот пазар?!

Уште пострашно е дека ова е втора пратка македонски пиперки запрена во рок од еден месец. Во август била запрена пратка од околу 11,6 тони, при што било наведено присуство на смртоносен форметанат над дозволената граница. Вкупно, така, имаме повеќе од 21 тон пиперки од две одделни пратки кои не влегле на европскиот пазар.

Бугарија и Хрватска уште од 3 август 2026 имаат воведено засилени контроли за увоз на свежи домати, пиперки, праски и лубеници, вклучително и од Македонија, токму поради ризиците поврзани со безбедноста на храната.

А што прави Македонија?

АХВ има систем на контрола на остатоци од пестициди, а максимално дозволените нивоа се усогласени со вредностите од европската регулатива.
Агенција за Храна и Ветерина во март 2025 објави дека ги засилува контролите на увозното овошје и зеленчук, со лабораториско земање мостри од секоја пратка во рамките на засилениот надзор и забрана за пуштање во промет додека не се добие резултат за безбедност.

АХВ има и Годишен извештај за 2025 и месечни извештаи за инспекциски надзори во 2026 година, но тука постои една голема слабост: јавноста мора да добие многу попрецизни податоци за домашното производство — колку мостри од пиперки, домати, јаболка итн. се земени, колку биле позитивни, кој пестицид е најден, колку пати е надмината границата и што се случило со производителот.

Инаку добиваме апсурдна ситуација кога на граница ни кажуваат дека имаме проблем, а македонскиот потрошувач не знае колку такви проблематични производи се откриени на домашниот пазар.

Државата мора да активира многу повеќе контроли директно на нивите, а не само на пазарите и границите. Драстични казни за загрозување на здравјето и животот на населението.
Трагање на секоја проблематична пратка до конкретниот производител/откупувач.
Јавно објавување на резултатите!
Контрола на тоа кои препарати се купуваат и користат, а не само анализа на готовиот производ.

Проверка дали земјоделците ја почитуваат каренцата — периодот од последното прскање до бербата.
За повторени прекршители да постојат сериозни казни и забрана за пласман, а не само симболични санкции.
Засилен надзор особено кај културите што одат во директна потрошувачка.

Пестицидите во зеленчукот и овошјето се едни од најголемите причинители за канцери и загрозување на здравствениот поредок на населението.