АУТОДАФЕ на ликовниот уметник Никола Пијанманов од вечерва во Галеријата Амам во Гевгелија

2 мин. читање

Вечер во рамките на 18 тото издание на фестивалот за авангардна уметност БОШ, во Галеријата Амам во Гевгелија ќе се отвори изложбата АУТОДАФЕ на ликовниот уметник Никола Пијанманов.

Изложбата ќе биде отворена во 19:00 часот и ќе биде поставена во галеријата десет дена. Ќе бидат изложени десет слики и една скулптура во метал, поврзани со темата на изложбата.

Во каталогот за изложбата се наведува: ,,Терминот auto-da-fé во философијата одамна ја надминал својата историска рамка и станал моќен симбол за човечката суровост, колективната вина и механизмите на моќта. Auto-da-fé е во историски контекст – демонстрација на моќта на црквата, на инквизицијата, на ,,редот” на мислата, обид за „прочистување“ на општеството, инструмент на страв и контрола. Денес терминот се користи метафорично за јавно осудување или понижување, симболично „жртвување“ на некого пред јавноста и друштвото.

Auto-da-fé е величествен, мрачен спектакл. Масата гледа и на некој начин ужива како некој се осудува во име на ,,правилата”. Во „Големиот инквизитор“ кај Достоевски, духот на auto-da-fé е присутен во секој збор на инквизиторот. Инквизиторот му вели на Христос: ,,Луѓето не сакаат слобода, туку сигурност. Зошто дојде да ни пречиш”? ,,Луѓето сакаат леб, не духовна слобода”.

Auto-da-fé не е само физички пламен на кладата, туку и симболично жртвување на една личност заради сочувување на механизмите на системот. Еден човек мора да изгори за другите да се чувствуваат чисти.

Во сликите на Пијанманов, спалувањето на личноста е и метафора на свеќата, личноста согорува за да ја осветли темнината. Себеспалување за спас на ближните. Чин на жртва или онтолошки крик против неправдата и силувањето на слободата.”