Смртта на китот станува живот: цел екосистем се раѓа на дното на океанот

Илјадници метри под површината на Индискиот Океан, научниците открија нешто што звучи како сцена од научнофантастичен филм:
огромна „некропола“ на китови, со траги што се протегаат најмалку 5,3 милиони години во минатото.
Откритието е направено во Дијамантинската зона во југоисточниот Индиски Океан, на длабочини од околу 4.600 до 7.000 метри.
Истражувачите документирале 476 фосилни остатоци од китови, како и пет современи места каде што остатоци од китови поддржуваат живи екосистеми.
Истражуваната зона се протега околу 1.200 километри долж морското дно.
Но најинтересното не е само бројот на скелети.
Кога кит ќе угине и неговото тело ќе потоне на морското дно, тоа може да стане оаза на живот во длабочините, без сончева светлина.
Научниците овој феномен го нарекуваат „whale fall“ – кога трупот на китот ќе потоне на дното и станува извор на храна и хранливи материи за цела заедница организми.
Телото најпрво го користат чистачи и други организми, а подоцна и самите коски стануваат извор на храна и енергија за специјализирани организми.
Во новото истражување, на китовите биле пронајдени, меѓу другото, морски ѕвезди, црви што ги разградуваат коските и школки што користат хемосинтеза.
Така, еден „whale fall“ може да поддржи цела заедница на морски живот.
И тука доаѓа една фасцинантна приказна што често се споделува:
Дали китот знае дека ќе умре и намерно потонува на дното за да им остави храна на другите?
Звучи неверојатно – но за тоа нема научен доказ.
Научниците научно немаат потврдено дека китовите свесно избираат каде ќе умрат или дека намерно го прават тоа за да создадат екосистем.
Она што го знаеме е уште поинтересно:
смртта на еден кит навистина може да стане почеток на нов живот.
Неговото тело внесува огромна количина органска материја во средина каде што храната е исклучително ограничена. Со текот на времето, од неговиот труп и скелет може да се развие цела заедница на организми.
А новото истражување покажува дека вакви „падови на китови“ се случувале во оваа област најмалку 5,3 милиони години.
Уште поневеројатно е што меѓу фосилите има и остатоци од видови китови кои денес повеќе не постојат.
Научниците дури опишале и нов вид изумрен кит, Pterocetus diamantinae.
Ова ја претвора некрополата во своевиден фосилен архив на еволуцијата и на древните длабокоморски екосистеми.
Значи, ова не е само „гробиште“.
Тоа е место каде што смртта станува дел од животот.
Еден кит умира.
Неговото тело тоне во темнината.
А таму долу, далеку од нашите очи, неговата смрт може да создаде услови за живот на голем број други организми.
Колку уште вакви скриени екосистеми се наоѓаат во длабочините на океанот што сè уште речиси и не сме ги истражиле?
Фотографии:
-Whale fall – скелет на сив кит на морското дно. Фото: Craig Smith/NOAA. Public Domain/Wikimedia Commons
-Whale fall – скелет на кит со октоподи. Фото: OET/NOAA, CC BY 2.0./Wikimedia Commons
Извори:
Nature – „A 5.3-million-year-old deep-sea whale necropolis in the Diamantina Zone“
Chinese Academy of Sciences – „Newly Discovered ‘Whale Necropolis’ Enhances Understanding of Deep-Sea Ecology“
Natural History Museum – „Whale fall: What happens when whales die?“