Јавен повик за времен ангажман на лични асистенти на ученици со попреченост

2 мин. читање

Општина Струмица објави јавен повик за работен ангажман на 21 невработено лице како лични асистенти на ученици со попреченост во основните училишта за учебната 2026/2027 година.

Ангажманот е во траење од 9 месеци (почнувајќи од 1 септември 2026 година), со работно време прилагодено на распоредот на ученикот и предвиден месечен надоместок од 20.551,00 денари бруто износ. Асистентите ќе обезбедуваат физичка поддршка, помош за време на наставата, помош при задоволување на основните потреби на учениците и извршување на училишните задачи во постојана соработка со родителите.

Право на пријавување имаат лица со минимум завршено средно образование кои се евидентирани како невработени во Агенцијата за вработување на РСМ. Предност ќе имаат кандидатите со претходно искуство и оние кои поседуваат сертификат за работа со лица со попреченост. За учество на повикот, потребно е да се достави пополнета пријава, потврда за невработеност од Агенцијата, копија од доказ за средно образование и копија од сертификат доколку кандидатот го поседува.

Рокот за пријавување е до 24.08.2026 година. Документацијата се доставува лично или по препорачана пошта, во запечатен плик, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот до: Општина Струмица, ул. „Сандо Масев“ бр. 1. На предната страна на пликот задолжително треба да стои „НЕ ОТВОРАЈ“ и целосна назнака дека документите се за јавниот повик за лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес во основното образование.

Извор:
Интернет страна на Општина Струмица