Триесет и седумгодишниот З.П. од Струмица се соочува со кривична пријава за „убиство во обид во врска со семејно насилство“, откако вчера сред бел ден ја нападнал својата поранешна сопруга во угостителски објект во градот.
Инцидентот се случил на 31 јули, околу 12:40 часот. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осумничениот со остар предмет ѝ нанел сериозна повреда во пределот на лицето на својата 34-годишна поранешна сопруга. По нападот, З.П. веднаш се дал во бегство, но по кратко време самиот заминал во Полициската станица Струмица и се пријавил.
Полициските службеници од СВР Струмица веднаш извршиле службен разговор со напаѓачот. При тестирањето со дрегер било утврдено дека тој бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,20 промили алкохол во организмот.
Жртвата веднаш била пренесена во Медицинскиот центар во Штип, каде што лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди и ѝ била укажана медицинска помош.
Од страна на СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица веќе е поднесена кривична пријава против З.П. врз основа на член 123 став 2, а во врска со член 19 од Кривичниот законик. Осумничениот во текот на денешниот ден треба да биде изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица, каде што ќе се одлучува за понатамошните мерки.
Извор:
– Facebook страна на МВР