Анализите на Центарот за јавно здравје покажаа присуство на опасни бактерии. Поставени се известувања за забрана за користење на локалните чешми. Водата од локалните чешми во населените места Белотино и Рич не е здравствено исправна и не смее да се користи за пиење, алармираат од Општина Струмица. Тестирањето било извршено врз примероци земени директно од водоводните објекти на терен — од чешмата во црквата во селото Белотино и од чешмата сместена во самиот центар на селото Рич.
Врз основа на микробиолошкиот и физичко-хемискиот лабораториски наод, а во согласност со Правилникот за безбедноста на водата, утврдено е дека испитаните примероци содржат бактерии – индикатори на фекално загадување. Поради ова, водата од овие чешми претставува ризик по здравјето на граѓаните.
Веднаш по пристигнувањето на анализите, екипи од Одделението за заштита на животната средина при Општина Струмица излегоа на терен и поставија официјални известувања на чешмите. Со нив граѓаните се информираат дека водата е неисправна за употреба. Оваа забрана ќе остане во сила сѐ додека контролните мостри од водата за пиење не покажат негативни резултати, односно додека таа повторно не стане безбедна.
Од Општината нагласуваат дека станува збор за изолирани локални чешми во двете села. Овие извори немаат никаква поврзаност со централната водоводна мрежа на град Струмица ниту со останатите населени места во општината, со што снабдувањето со вода во другите делови од општината се одвива непречено и безбедно.