Месо од лабораторија: иднината на исхраната или технологија што сè уште предизвикува сомнежи?

4 мин. читање

Замислете месо кое е вистинско животинско месо, но за неговото производство не е потребно да се одгледува и заколе животно. Тоа е култивираното месо (познато и како лабораториски одгледано или клеточно месо) – една од најконтроверзните прехранбени технологии на денешницата.

Наместо животното да се одгледува со месеци или години, научниците земаат мал примерок од клетки од живо животно. Тие клетки се размножуваат во стерилни биореактори со хранлив медиум, каде што се развиваат во мускулно и масно ткиво. Резултатот е вистинско месо со ист клеточен состав како традиционалното, но создадено надвор од телото на животното.

За разлика од растителните алтернативи, како што се веганските бургери, ова навистина е животинско месо.

Иако идејата е стара речиси еден век – уште Винстон Черчил во 1931 година предвидел дека еден ден луѓето ќе одгледуваат само делови од животните што ги јадат – првиот лабораториски бургер беше претставен дури во 2013 година од холандскиот научник Марк Пост.

Денес култивираното месо е одобрено за продажба само во неколку земји, меѓу кои Сингапур, САД, Израел и Австралија. Продажбата засега е ограничена, најчесто во одредени ресторани или пилот-програми, бидејќи производството сè уште е многу скапо. Европската Унија сè уште нема одобрено ниту еден производ за исхрана на луѓето.

Поддржувачите сметаат дека оваа технологија може значително да ја намали потребата од сточарство, емисиите на стакленички гасови, потрошувачката на земјиште и вода, како и страдањето на животните. Дополнително, производството во контролирани услови би можело да го намали ризикот од бактериски загадувања, прекумерна употреба на антибиотици и појава на болести што се пренесуваат од животните на луѓето.

Од друга страна, критичарите предупредуваат дека многу од овие придобивки сè уште не се потврдени во индустриски размер. Производството останува скапо и енергетски интензивно, а научниците сè уште работат на решавање на техничките предизвици за масовно производство. Постојат и грижи околу можните економски последици за сточарството, како и скептицизам кај потрошувачите кои го сметаат ваквиот производ за „неприроден“.

Во однос на здравјето, регулаторите во земјите каде што е одобрено продажбата оцениле дека конкретните производи се безбедни за консумирање. Сепак, бидејќи технологијата е нова, не постојат долгорочни студии за ефектите од редовна консумација.

Меѓу најчесто споменуваните прашања се можни остатоци од состојките што се користат при одгледувањето на клетките, хранливата вредност во споредба со традиционалното месо и ризикот од контаминација доколку производствениот процес не се одвива во строго контролирани услови.

Технологијата предизвикува и политички поделби. Италија и Унгарија воведоа национални забрани за производство и продажба на култивирано месо, повикувајќи се на заштита на традиционалното земјоделство и националната прехранбена политика.

Во САД, иако федералните власти одобрија неколку производи, повеќе сојузни држави воведоа сопствени забрани.

Култивираното месо сè уште е во рана фаза на развој. За едни тоа претставува можен чекор кон поодржливо производство на храна, а за други технологија за која сè уште има премногу отворени прашања.

Дали ќе стане вообичаен дел од нашата исхрана или ќе остане нишов производ, ќе покаже времето.

Користени извори: FoodNavigator, Vegconomist, Euro Weekly News, Green Queen, Factually, како и информации од регулаторните тела FDA, USDA и Singapore Food Agency.