Дали некогаш сте погледнале во часовник и сте помислиле ,,Не е можно веќе да поминало толку време”? Токму тоа чувство го доловува Салвадор Дали во едно од најпознатите дела во историјата на уметноста.
,,Постојаноста на паметењето” (,,The Persistence of Memory”) е насликана од шпанскиот сликар Салвадор Дали во 1931 година и денес се чува во Музејот за модерна уметност (MoMA) во Њујорк.
Часовници што се топат не се само необичен сликарски мотив– тие најчесто се толкуваат како метафора за тоа како времето станува еластично и нестабилно кога го гледаме низ призмата на сеќавањата.
Можеби Салвадор Дали сакал да покаже дека времето, онака како што го доживуваме внатрешно, воопшто не тече праволиниски и предвидливо, како што покажуваат обичните часовници.
Можеби токму затоа сликата останува толку блиска до секого – потсетува на детството што ни се чини дека минало неверојатно брзо, на моментите за кои сме мислеле дека ќе траат вечно и на тоа колку е важно да живееме сега, а не да го чекаме ,,вистинскиот момент”.