Денес се навршуваат 6 години од смртта на еден од најзначајните македонски археолози проф. д-р Иван Микулчиќ . Неговата долгогодишна истражувачка и теренска дејност фундаментално го промени и збогати знаењето за античкиот и средновековниот период на територијата на Македонија.
Микулчиќ е роден е на 25 март 1936 година во Инѓија, Србија. Дипломирал во Белград на Филозофскиот факултет, група за археологија во 1958 година, каде докторирал на истиот факултет во 1965 година. Работел во музеите во Штип, Битола и Скопје, а од 1969 година и како професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1978 година бил на студиски престој во тогашната СР Германија како стипендист на угледната Хумболтова фондација. Автор е на книгите: „Скопје со околните тврдини“, „Средновековни градови и тврдини во Македонија“ и „Антички градови во Македонија“, изданија на МАНУ, „Стоби, антички град“, „Хераклеја Линкестис, антички град во Македонија“, „Антички градови на Брегалница“, „Големи археолошки откритија“ и на стотици трудови објавени во зборници и списанија.
Струмица и струмичко не останаа далеку од неговиот научен интерес, во неговите дел се опфатени и најзначајните археолошки локалитети во нашиот регион. Во неговото капитално дело ,,Средновековни градови и тврдини во Македонија“ објавено во 1996 година во Скопје, се обработени најзначајните средновековни локалитети: Цареви Кули, Св.Петнаесет тивериополски маченици, Василица -с.Костурино, Термица – с.Банско и др. Неговиот долгогодишен придонес спрема македонската археологија е голем поттик и мотивација за младата генерација на археолози.
Големите луѓе никогаш да не бидат заборавени, делата зборуваат за нив, вечна ти слава ПРОФЕСТОРЕ …