Европскиот парламент на пленарна сесија со мнозинство гласови го усвои Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија. Иако текстот на резолуцијата нуди поддршка за европската перспектива на земјата, фокусот на денешното гласање беше насочен кон амандманите поврзани со билатералните обврски кон Република Бугарија.
Главното гласање се однесуваше на предлогот на известувачот за земјава, европратеникот Томас Вајц од групата на Зелените, кој побара бришење на Ставот 73 од нацрт-текстот. Овој став експлицитно го споменува Вториот билатерален протокол потпишан меѓу Скопје и Софија во јули 2022 година. Мнозинството европратеници со 338 гласа против го отфрлија предлогот за бришење, со што Вториот протокол остана во финалниот текст на извештајот како дел од критериумите поврзани со добрососедските односи.
Со одлуката на Европскиот парламент да го задржи овој документ во извештајот, се потврдуваат преземените обврски од Записникот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија. Во него се нотирани следните точки:
- Образование и историја: Обврска за спроведување на веќе усогласените препораки од Заедничката историска комисија кои се однесуваат на заедничко чествување на историски личности и промена на содржините во учебниците по географија и историја за седмо одделение во Северна Македонија и шесто одделение во Бугарија. Документот налага и продолжување на работата за наоѓање решенија врз основа на автентични историски извори.
- Говор на омраза: Воспоставување механизми за следење и спречување на говор на омраза и злонамерна пропаганда во јавниот простор и медиумите, каде министерствата за надворешни работи на двете земји делуваат како контакт-точки за пријавување случаи.
- Отворање на архивите: Обврска од македонска страна за создавање правна рамка за пристап до документите на поранешните југословенски тајни служби (УДБА и КОС) поврзани со прогонот на лица со бугарска самосвест во социјалистичкиот период.
- Политика на немешање: Одредба со која Северна Македонија потврдува дека одредбите од нејзиниот Устав не претставуваат основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија во однос на статусот на лицата кои не се македонски државјани.
- Инфраструктура: Обврски за забрзување на градежните работи на патното и железничкото поврзување на Коридорот 8, изградба на гасни интерконектори и отворање на граничниот премин Клепало.
За време на дебатата во Европскиот парламент беше повторено дека уставните измени за вклучување на малцинствата, вклучително и Бугарите, во Преамбулата на Уставот на Северна Македонија остануваат формален услов за отворање на првиот преговарачки кластер со Европската Унија. Покрај билатералните прашања, извештајот нотира и потреба од понатамошни реформи во правосудството, борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Извори:
– Втор протокол
– ЕУ парламент