Светлина, слобода или партиско ропство?

4 мин. читање

Мотивирана и инспирирана од делото на браќата Св. Кирил и Методиј, се замислувам каква светлина ни дадоа на светот, а во каква темнина живееме денес. Како користејќи го словото, наместо да шириме љубов и разбирање, меѓу нас се шири омраза. Наместо да се делиме на верници и неверници, на партиски заробеници, на муслимани, христијани, атеисти, треба нивното име да нè обедини во борбата со злото. Секое време има свое зло, да не се враќаме назад, да ги погледнеме денешните зла: коцката, партиското ропство, кое принудува многу луѓе да се понижат и да молчат, за да не го загубат работното место. Злото да не можеш да критикуваш свештено лице, оти може јавно да те објават и етикетираат како неверник и антихрист. Зошто го користиме јазикот, залудна ли ни е писменоста, не е ли зло да сме писмени, а да сееме зло? Луѓе писмени, учени, историчари, археолози, етнолози веднат глава, го газат словото на вистината за пуста плата и комфор. 

Би сакала да оддадам почит на една личност, која со гордост го користеше словото и ширеше само љубов и копнеж за вистина. Ване Секулов, човек кој го користеше словото за да шири вистина и кому секој збор му беше осмислен пред да биде кажан. Којшто неуморно читаше и бараше да го разбере светот каков што бил пред толку многу години, за да се поучиме денес и да не ги правиме истите грешки. Тој во еден неофицијален разговор спомена за дворскиот шут, кој одел секогаш со Цезар и го потсеќал дека и тој е човек, а не Бог. За жал денес определени лица – лидери, водачи на општествени функции, не дозволуваат ни збор да се изусти против нив, како да се светци, како да се некои кои додека газат, треба да ја бакнуваме земјата по којашто одат и да веднеме глава, дури и кога гледаме дека вршат зло. 

Цензура и автоцензура се бара од сите, дали со страв за работно место, дали од страв да не бидеш ставен на списокот на непријателот, или дури се оди дотаму, па се објавува анатема и уште малку и јавен линч и гонење на секој оној кој го кажува она што сите го знаат и за сите е јасно, но треба да се молчи…

Нека овој празник не само не обедини, но и ослободи од прангите на партискиот и религиски јарем. Сврзувајќи го овој празник со учителско-просветителската дејност, се замислувам за состојбата во која се наоѓа денешното ни учителство. А денес е повеќе од жално што многу учители, кои треба да ги водат и воспитуваат нашите деца да бидат слободни, љупобитни, да го рушат секој ѕид кој се гради меѓу етноси, меѓу религии, меѓу народи, комшии блиски и далечни, од стравот го праваат токму спротивното. Кога ги учиме за Османското ропство или за нацизам, комунизам не е целта да ги учиме да ги мразат соседите или Германците и Русите, туку треба да ги учиме како би реагирале тие во тие околности, со личен пример како што ние денес реагираме на неслободата. 

А токму неслободата ја има во изобилие, ако си вработен од списокот на партија, не смееш да посочуваш и критикуваш, затоа што си партиски роб.

На крај да се замислиме дали некое дете би се заинтересирало денес да прочита делото на Светите браќа? И да се запраша кои биле тие луѓе? И уште поважно е што ќе одговорат родителите, учителите, водачите на општественото мислење на тоа прашање?

Нека победи светлината и слободата. Поклон пред делото на браќата. Да бидеме сите браќа и сестри во борбата со злото.

Автор:
Дипломиран новинар, магистар по историја и докторант Историја на Балканите…. повеќе