Интервју со советничката на Левица

(Разговорот го водеше Јане Кујумџиев)

18 мин. читање

Огранокот на Левица-Струмица објави отворен ден за средба со граѓаните. Ви благодариме за убавата иницијатива, ние сме меѓу првите што ја користиме оваа можност. Кој е мотивот за истата и што се очекува од неа?

  • Решивме во рамките на локалниот окружок на Левица, да го отвориме за јавноста денот среда, бидејќи ние имаме советник којшто е единствен во Советот на Општина Струмица и нема можност да има граѓански канцеларии, кои би биле дел од Општината. Во Општината во рамките на Советот нема канцеларии за таа пригода, за таму да доаѓаат граѓаните и да ги нудат своите предлози, решенија, па дури и поплаки за работењето на Општината. Затоа решивме советникот да им се приближи на граѓаните преку отворени денови, кои ќе ги има секоја среда во просториите на локалниот огранок на Левица. Нормално, самиот советник сака да биде поблиску до граѓаните, иако тоа го прави во контакт во секојдневен контакт со граѓаните, со среќавање на улица, разговори, итн…, но сакаме и официјално да има еден ден, каде што полека ќе се отвора огранокот и принципите на самата партија кон граѓанството и прогресивните луѓе на Струмица и околните места.

Другите советници имаат канцеларии доделено од Општината?

  • Не, никој нема и тоа е хендикеп, бидејќи сметам дека можеби треба да се обезбеди просторија за секој од советниците да има свој термин, каде што ќе ги прима граѓаните, за да разговара со нив. Тоа засега не е обезбедено за ниеден советник.

Колку што ние видовме немаат, вие сте единствени. Вие сте еден од најактивните советници во Советот на Општина Струмица. Како ги цените односите помеѓу советниците? Има ли интерес за изнаоѓање на решенија за проблемите на граѓаните или сите се ограничени на теснопартиските интереси?

  • Советот функционира на еден интересен принцип, бидејќи мнозинството го има владеачката партија на ВМРО-ДПМНЕ и деловнички не е ускратено правото на ниеден од советниците да има дискусија и да реплицира, но има една атмосфера каде што советниците од владеачкото мнозинство се во една лагодна позиција, во која што не земаат збор по одредени прашања и активно не учествуваат во дебатите, така што, се добива впечаток дека јас сум најактивниот советник во Советот. Иако има и други советници кои се истакнуваат по нивната гласност, посебно од опозицијата. 

Но, сепак сметам дека треба да има поголем дијалог во самиот Совет бидејќи таму се решаваат поголем дел од одлуките. Иако седниците на Советот се веќе последната алатка, каде што се дискутираат, одредените прашања и предлози по кои се постапува бидејќи решенијата веќе се дискутирани во комисиите и таму веќе најчесто е решено помеѓу владеачкото мнозинство и побројната опозиција која доаѓа од СДСМ, па така и нема многу простор да се дискутира и реагира на самите седници. 

Искрено, сѐ поминува во рамките на тоа што го има зацртано владеачкото мнозинство и нема многу слух за иницијативи или за некои решенија кои доаѓаат од некои други политички субјекти во градот, но она што е интересно е тоа што мислам дека е однапред договорено да нема многу долги дискусии, за сѐ да мине без препирања и лесно, да не се остава впечаток во јавноста дека има многу „галама“ за некоја тема. 

Најмногу критики кај нас пристигаат за екологијата во градот и неговата околина. Не секогаш критиките се кон институциите, но и кон несовесни граѓани. Што може да се подобри во таа насока, дали казнената политика е единствено решение или се потребни и едукативни кампањи?

  • Секако дека и едукацијата на граѓаните е битен елемент во подобрувањето на целокупниот амбиент кон грижење за животната средина во самиот град, но мислам дека тоа е еден напластен проблем, кој со години се провлекува не само во нашата општина, туку и во државата. Проблемот е и во тоа што институциите меѓусебно не соработуваат и немаат слух за интегрирана институционална мрежа, која што ќе делува во решавањето на проблемите, бидејќи ингеренциите се поделени во овој сегмент. Но, исто така морам да напомнам дека и кај напластените проблеми на јавните претпријатија, посебно на комуналното претпријатие, кое што со години беше користено за партиски вработувања и партиски интереси и лични профити на менаџерите на самата компанија, го доведоа претпријатието до колапс.  Нема основни машини за чистење на отпадот и за депонирање на отпадот, но исто така и проблемот со депонијата во Добрешинци, кој се провлекува со години и тоа е еден од клучните проблеми, бидејќи цело време „немо“ го набуљудуваме горењето на самата депонија, која се наоѓа во Општина Василево 

Се појавуваат и нови диви депонии, што со тоа?

  • Овие нови диви депонии беа уште од претходно, но сега се продолжува со истата пракса, значи на неколку наврати јас на седницата имам реагирано до директорот на Комуналното претпријатие, иако тој има слух за овие прашања, сѐ уште не покажал доволно волја, а не сакам да верувам дека самата состојба на претпријатието не му дозволува да делува на терен. 

Сега имаше во последниот ребаланс на буџетот, средства за ново комунално возило и тоа е неопходно за функционирање на едно јавно претпријатие и директорот вети дека ќе бидат расчистени овие диви депонии во најскоро можен период и дека се пронаоѓаат начини, но ние немаме видено никакво решение. Ние сме тука, постојано да поставуваме прашања и да иницираме решенија, но да видиме до кога ќе се „вадат“ на проблемите и состојбата на јавното претпријатие. Тоа не може да трае бесконечно. Тоа не треба да биде причина за нефункционирање на претпријатието, практично да се давиме во толку смет во околината на градот.

Во последниот ребаланс беа изгласани средства за урбана опрема, тоа се однесуваше на поставување на нови контењери и тоа укопни контењери во земја, еден од подобрите начини за справување со отпадот, но мислам дека тука има и други решенија коишто треба да бидат дадени и кои треба да дадат функционалност во справувањето со отпадот. Едукацијата на граѓаните, па и казните се исто така дел од тој процес.

Имаме една иницијатива која е разработувана заедно со екологисти од нашата општина, би сакале да ви ја презентираме во врска со отпадот. Отпадите што се приватни, тие прават селекција на отпад и тој отпад потоа го продаваат. Дали не е можно Комуналец како јавно претпријатие за комунални дејности да има посебни контењери за секое домаќинство за одреден тип на отпад, пример хартија, стакло или пластика, како секаде во светот. Од тој отпад може претпријатието да има плус бенефит, да го продава специфичниот отпад на фирми кои го откупуваат таквиот вид на отпад. Мотивацијата за граѓаните би било пример 2% помали сметки за ѓубрарина, за тие што го селектираат отпадот. 

  • Да, тоа е одлична иницијатива, иако јас, кога зборувавме во Советот за новата систематизација на работни места на комуналното претпријатие, им спомнав дека оние пари кои треба да се дадат за нови вработувања, кои што морам да кажам дека се партиски, ќе обезбедат една фабрика за селекција на отпадот и тогаш директорот ми се насмеа и ми рече со доза на иронија: – „а вие знаете ли колку вреди една фабрика за селекција на отпад?”

Е па тогаш колку вреди еден човечки живот. 

А ако ние во скоро време не се справиме со отпадот, кој ја загадува целата животна средина и преку неа нас самите, сите ќе бидеме на крајот жртви на таа политика со игнорирање на цивилизирано справување со отпадите. 

Се разочарав од одговорот, значи нема потреба од иницијативи, значи нема да бидат прифатени колку и да се добри?

  • Така му доаѓа. И јас истото го кажувам.

Излегува дека е безначајно сѐ што правиме?

  • Важно е да се бориме, да нема откажување. Духот да не ни се скрши, затоа што они сакаат критичниот дух да го скротат, тоа е нивната стратегија. Но мора да бидеме упорни.

Споменатата иницијатива е разработена заедно со организацијата “Повик од дивината “ уште пред да решиме дали да бидеме планинарско или еколошко друштво и гледавме примери од други места. Тоа е доста стара идеја, дури и дел од идејата е спроведувана, собиравме пластика и ја носевме во компании за отпад кои што откупуваат пластика и со парите од пластиката купувавме садници за пошумување на ридот над Струмица.

  • Па тоа насекаде го има и во европските држави. Тоа е вистинската размена и соработка меѓу граѓанските организации, еко активистите и институциите.

Сега наскоро пак имавме слична иницијатива, садење дрвца на ридот, во последните 3-4 години ги зимаме од расадникот на „Македонски шуми“ во Струмица. Но идејата не е да се прават толку мали чекори, а поголема да стане оваа приказна. Затоа што реално имаме голем проблем со отпадот.

  • Знам.

Се чини дека зголемените активности на МВР придонесуваат за подобрување на сообраќајот, да биде побезбеден низ градот и порастеретен. Дали сметате дека тоа е доволно за летниот период и конечно ќе се воведе ли правило на парни и непарни броеви на регистрации за да возат во периодите на најзагадените денови од годината.

Мислам дека ова спаѓа во ингеренциите на Совет на град Струмица, а МВР е должна да го спроведе?

  • Досега немало дискусија за сообраќајот, освен кога се работи за надлежностите на јавното претпријатие „Паркиралишта“, таму се споменува хаосот кој го предизвикуваат самите возила, иако во нашата програма на партијата „Левица” за локалните избори имаше предлог да го направиме дел од централното градско подрачје пешачка зона, значи воопшто да нема возила ако ме прашате мене, на потегот околу центарот и дел од старата чаршија, (освен во определен период од денот), не целиот ден. За непарни броеви, не знам, не сме размислувале, тоа е некоја стара идеја уште од Југославија, а за најзагадените денови во годината, кога целиот град е во магла и смог, може да се размислува и на тоа. Мора да се воведе строга контрола и кон моторите кои со страшна брзина возат и предизвикуваат бучава во доцните ноќни часови. Тоа е недозволиво. Исто и со тротинетите кои практично немаат определени патеки на движење, па на некој ризичен начин постојано се помеѓу возилата.

Дали сметате дека велосипедските патеки се користат доволно?

  • Не, јас сметам дека овој проект е направен за да се реализираат првенствено средствата од Европската Унија, без никаква анализа, бидејќи кога вие правите проект мора прво да знаете за колку велосипедисти е наменета оваа патека, каде во градот е најпотребно тоа и колку велосипедисти има во општината. Од кога се направија патеките,  посебно во паркот, почнаа доста велосипедисти да ја употребуваат. Да се разбереме, тоа не е лоша идеја и проектот беше награден на некој настан, ми се чини дека доби награда и од ЕУ во Скопје, но сѐ уште мислам дека некои од патеките не се добро направени и не се на вистинските места. Пример, се користат дел од тротоарите каде што се движат пешаците, наместо да се земат делови од коловозите. Не смее тоа да биде на штета на пешаците. Бидејќи, еве ако одите во едно од најразвиените места каде што најмногу се употребуваат велосипеди, Амстердам, ќе видите каде се велосипедските патеки и каде се движаат пешаците и како тие се направени, така што мислам дека студијата „case study“ не им е добро употребена на стратезите во овој случај.

Левица гради имиџ на неклиентелистичка партија, не ветува вработувања и привилегии на своите членови, која е стратегијата за зголемување на вашето членство?

  • Ние не ветуваме вработувања. Тие што ги владеат институциите победуваат на избори со ветувања и ги злоупотребуваат на штета на граѓаните, но и на самите институции. Мислат дека ако им е дадено да владеат со системот, без да го направат тој да биде подостапен и пофункционален, дека тие постигнале успех. Држењето власт не е самото по себе успех. Тие ја злоупотребуваат својата функција и во еден момент помислуваат дека институциите се нивна сопственост. Просечни кадри без искуство во менаџирање, ги поставуваат за директори на институции и тие се однесуваат како со самото тоа сѐ да е завршено. Наградени се. Не се борат за имиџот и за функционалноста на институцијата. Она што е интересно во прашањето, е тоа што во Левица доаѓаат луѓе коишто сакаат да го променат тоа, значи луѓе кои се гневни на тој систем и кои сакаат да направат од Македонија подобро место за живеење. Просто е, мора најпрвин да се направи систем што функционира, бидејќи луѓето тоа и го бараат. Функционални институции! Ако прашате некој од постарата генерација, тие знаат подобро. Тие биле и живееле во една далеку пофункционална држава. Колку и да мислиме дека новите технологии нас ќе не направат поефикасни во менаџирањето со институции, ако нема квалитетни човечки ресурси, ништо нема да се постигне. Мора еднаш засекогаш во Македонија да престане изборот на кадри по негативна селекција. Нема клиентелизам кај нас, нема луѓе кои се борат за тендери, значи тука доаѓаат луѓе со чисто срце, со чиста идеја и мисла за промена на подобро во државата.

Нешто што посебно сакате да го нагласите, а не успеавме да го опфатиме со овој разговор?

  • Би додала, луѓето повеќе да се охрабрат, без страв да не изгубат нешто, бидејќи не остана уште многу што да се сочува од државата. На крајот сите ние губиме, а најмногу генерациите кои доаѓаат по нас. Од ден на ден станува сѐ пострашно. Да се активираат, не мора политички, иако човекот сам по себе е zoon politikon, може да делуваат активистички, за подобрување на условите, во коишто живееме и борба за подобар систем и функционалност на истиот, значи посебно за младите би упатила еден повик, тие да не бидат пасивни, бидејќи колку повеќе се пасивни, толку повеќе губат. Многу луѓе се откажуваат и заминуваат во странство, затоа што не веруваат во системот. А не сфаќаат дека ние сме дел од тој систем. Ние сме срцето на ситемот. 

Но тоа го направија лошите политики, политичките концепти на  две големи аждаи од партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме робови на нашиот сопствен страв. Зошто треба друг да ја заврши работата за тебе? Треба сам да се вклучиш во борбата. Тоа е погубното. Треба да се ослободиме од стравот, стравот да не ме исклучат од некаде, да не ме избркаат од работа, да не ме покажат со прст, да не ми дојдат дома инспекциите… Тоа е владеење со страв. Стравовски менталитет, бидејќи така беше наметнато уште од самиот почеток на формирање на државата. А секогаш страдаат чесните граѓани. Така ја губиме и државата. На крајот ќе останеме без народ, но ќе биде предоцна.